Истражувачкото новинарство бележи позитивен тренд, потребно е уште многу да се сработи

91

Истражувачкото новинарство во Македонија бележи позитивен тренд така минатата година бројот на истражувачки стории е зголемен на два процента за разлика од 2017 година кога овој процент бил 0,8 или во 2016 кога процентот бил само 0,4 проценти. Сепак, ставот на новинарите и владините претставници кои денеска учествуваа на дебатата за перспективите на истражувачкото новинарство е дека треба уште да се работи на ова поле.

Еден од условите за истражувачко новинарство е исполнет со отворањето на податоците од страна на владините институции, но се уште треба да се работи на менување на културата на однесување на институциите бидејќи има установи кои од различни причини не им ги даваат на новинарите податоците што ги бараат.

– Причините за тоа што не секогаш се доставуваат информации од некоја институција се од различен аспект – некогаш е немање волја, некогаш немање капацитет или немање луѓе кои се доволно подготвени и стручни за тоа. Но, она што сега го правиме е менување на културата на однесување на институциите. Колку повеќе институциите објавуваат податоци, толку помалку ќе имаат и барања за пристап до информации од јавен карактер. Имаме институции со кои не треба да се објаснуваме и кои целосно ја согледаа потребата на општеството и позитивниот аспект од нивното работење, но има и институции кои сеуште не доволно реагираат добро при објавувањето на податоците – рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Според него, процесот на објавување на податоци е процес кој ќе трае, а гарант дека ќе се спроведе Стратегијата за отворени податоци е постоењето на истражувачкото новинарство отколку било која владина одлука на хартија.

Од друга страна, новинарите недоволно ги користат отворените податоци што ги објавуваат институциите. Така, според министерот за комуникација, отчетност и транспарентност Роберт Поповски изненадувачки е тоа што има малку истражувачки и аналитички стории за странските инвеститори или за тендерите за кои податоците се отворени.

Она на што сериозно треба да се поработи, според Поповски, е медиумската писменост, а значајно е и прашањето како да се регулираат социјалните медиуми.

– Има различни барања – од една страна да се направи некаква регулација, други пак велат никако тоа да не се случи, а од друга страна концептот на Европската комисија е дека треба внимателно да се работи на ова поле. Мора да се договориме дали ќе правиме интервенција во законот или нема да правиме. Дали ќе одиме на нотификација и ќе застанеме тука и Владата ќе го испочитува она што новинарските здруженија ќе ни го презентираат или е потребен чекор плус – рече Поповски.

За да има професионално новинарство, смета Поповски, потребно е да се зголемат и платите на новинарите.

Мониторингот направен врз известувањето на медиумите во периодот од 2016 до 2018 година покажува дека е зголемен бројот на стории со три или повеќе извори на информации, но негативно е тоа што најчесто во истражувачките стории не е консултирана засегнатата страна, што според директорот на Македонската информативна агенција Драган Антоновски е недозволиво.

Она што е важно, според Антоновски, е и колку изворот во приказната е релевантен, а друг проблем е што одлични истражувачки стории не допираат до јавноста.

– Малку е себично кога ќе се сработат такви добри стории кои ќе останат затворени и нема да ги прочита никој – рече Антоновски, додавајќи дека МИА размислува за истражувачки клуб како придонес кон тоа она што е сработено, да дојде до пошироката публика.

Резултатите од направениот мониторинг покажуваат дека во Македонија најмногу истражувачки стории се напишани за политиката и економијата, а најчесто истражувачките прилози се инспирирани од дневните настани.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...