Постапувајќи по допрен глас, по објавите во медиумите за случај на наводен поткуп во постапка за посвојување на деца, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје презеде многубројни дејствија за утврдување на фактите во предметот. Прибрана е целокупната документација од Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа Скопје, а во врска со водењето постапка за посвојување дете од лицето кое како оштетена го објави случајот преку телевизиски настап. При тоа, оштетената објави наводни незаконитости во процесот на посвојување, според кои, откако како на потенцијален иден законски застапник на детето ѝ бил побаран поткуп и истиот не бил даден, таа била експресно обвинета и осудена за семејно насилство.
Обвинителството ја прибра и релевантната документација од Министерството за труд и социјална политика и од Јавната здравствена установа Геронтолошки завод „13 Ноември“ Скопје. Беа сослушани единаесет лица во својство на сведоци. Меѓу повиканите беа и претставници на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје, Геронтолошкиот завод, поранешен министер за труд и социјална политика, како и вработена од детска градинка во која престојувало детето.
По повеќемесечното интензивно постапување во предметот и прибирање на материјалните и вербални докази, како и нивно разгледување и анализа, надлежниот обвинител цени дека во моментов не се создадени услови за финално донесување на јавно обвинителска одлука. Но поради сериозноста на податоците до кои дојде јавниот обвинител, има потреба од натамошно проучување и испитување на сомнежите за евентуално сторено кривично дело и утврдување на евентуална кривична одговорност на сторителите.
Постапувањето на јавниот обвинител во предметот ќе продолжи во континуитет, сѐ до целосно утврдување на фактите и донесување на јавно обвинителска одлука.