Истрага за инцидентот со норвешкиот крузер „Викинг скај“

250

Норвешките власти соопштија денеска дека покренале истрага за крузерот „Викинг скај“, кој превезува повеќе од 1.300 луѓе, за тоа зошто испловил и покрај предупредувањата за невреме, што доведе до инцидент и евакуација на голем број луѓе чии животи беа доведени во опасност.

Даг С. Лисет од норвешкиот Одбор за истражување несреќи вели дека „високиот ризик на кој биле изложени бродот и неговите патници и екипажот ги натерале да одлучат да го истражат инцидентот“.

Норвешкиот крузер „Викинг скај“, кој поради дефект повеќе од 24 часа мина на отворено море, вчера доцна попладнето вплови во пристаништето во Молде.

Крузерот, на кој се наоѓаа над 900 лица, до Молде го довлекоа еден реморкер и два брода.

Влечењето на бродот започна претпладнето откако се подобрија временските услови и се смирија брановите, но и откако беа ставени во функција три од неговите четири мотори.

Крузерот „Викинг скај“ завчера во попладневните часови испрати повик за помош, откако остана во дефект во близина на брегот на Норвешка.

Спасувачките екипи уште истата вечер почнаа со евакуација на патниците, но акцијата беше отежната поради лошите временски услови и бранови во висина и до 10 метри. Во операцијата учествуваа пет хеликоптери и неколку спасувачки бродови.

Евакуацијата беше прекината откако започна влечењето на крузерот кон Молде. До прекин на операцијата, беа евакуирани 463 од вкупно 1.373 патници и членови на екипажот на бродот.

Од спасените патници, 17 беа пренесени во болница поради здобиени повреди, а останатите беа сместени во хотел.

Најголемиот број од патниците на крузерот се британски и американски државјани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...