Истрагата за „Јавна соба“ продолжува, овој вид насилство остава силни негативни емоции кај децата

407

Објавување фотографии од малолетни деца може да предизвика негативни емоции и реакции кај жртвите на овој тип насилство: повлекување и затворање во себе, самообвинување, враќање со иста мера, но и поведенија опасни по сопствениот живот. Затоа е неопходно на девојчињата – жртви на овој вид злоупотреба да им се обезбеди психолошка поддршка од стручни лица.

Ова за МИА го појаснува Драги Змијанац од Првата детска амбасада „Меѓаши“ за неодамна објавената група „Јавна соба“ на Телеграм на која се споделуваа експлицитни фотографии, а меѓу нив и  од малолетници.

Истрагата за затворената група „Јавна соба“на која се објавувани фотографии со експлицитна содржина, од кои некои преземани од отворени профили, а други од приватни конверзации продолжува, а Министерството за внатрешни работи веќе побарало од Телеграм да се затвори групата, во која меѓу членовите се разменувани фотографии и со малолетни девојчиња на возраст од 12 и 13 години.

Полицијата го откри администраторот и ги има телефонските броеви на членовите на затворената група, но не дава повеќе информации околу неговиот идентитет. Медиумите објавија дека станува збор за тинејџер, за подоцна да излезе информација дека станува збор за 40-годишен маж под псевдонимот „медо“, меѓутоа потврда од МВР за ова засега официјално нема. Станува збор за околу 7.400 телефонски броеви на членови на „Јавна соба“, кои почнаа да се намалуваат, откако МВР почна истрага.

Змијанац за МИА вели дека овој случај е вид на насилство и се прекршени повеќе права на децата, како што е правото на приватност, согласно членот Член 16 од Конвенцијата за правата на детето, кој вели „ Ниту дете не смее да биде изложено на самоволно или незаконско мешање во неговиот приватен или семеен живот, домот или личната преписка, како ни на незаконски напади на неговата чест и углед“, но има повреда и на правото на заштита од злоупотреба и малтретирање (член 34 и член 36 од КПД).

Според Змијанац, постои законска рамка која ги штити децата од недозволиво објавување фотографии, но не е доволна, туку потребно е ангажирање од страна на сите кои го спроведуваат законот.

Тој вели дека наставниците и родителите треба да посветат повеќе внимание на децата и  да разговараат со нив за проблемите со кои тие се соочуваат. Да најдат време за своите деца/ученици, а стручните служби во училиштата да се посветат повеќе на работата со учениците.

– Неопходно е да се развиваат програми во училиштата со кои кај децата ќе се подигне свеста за потребата од заштита на личните податоци и приватноста, употреба/злоупотреба на технологиите, да бидат поупатени во прашањата поврзани со сексуалниот идентитет – истакна Змијанац.

Медиумите, додава Змијанац, имаат дел од одговорноста, влијаат на социјалното мислење, нивна морална обврска е да се занимаваат со теми што  водат кон превенција, едукативни програми што ќе бидат во поддршка  на напорите на наставниците и родителите.

– Пред сè, ние возрасните да станеме свесни дека сме модел за децата и млади и да се потрудиме да бидеме добар пример на кој тие ќе можат да се потпрат и да учат позитивни нешта што ќе придонесат за нивната самодоверба и самопочит – вели Змијанац.

Тој додава дека во Првата детска амбасада се пријавуваат разни случаи, но никогаш досега немале случај како овој.

– Никогаш досега не сме имале случај како овој. Обично се пријавуваат индивидуални случаи, при што ги упатуваме во Секторот за сајбер криминал, но прво разговараме со дојавувачот, прашуваме за состојбата во која се наоѓа детето и препорачуваме да се обратат за психолошка поддршка – додава тој.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, вчера за МИА изјави дека веднаш по добиената пријава преземени се мерки и активности за расчитување на случајот.

– Секторот за компјутерски криминал и форензика веднаш контактира со мрежата „Телеграм“, со цел добивање на потребните податоци околу функционирањето на оваа група и воедно го известивме за содржинте што се објавени – додаде тој.

Реакции за групата имаше по социјалните мрежи. Според споделените информации на социјалните мрежи дел од фотографиите објавени во оваа затворена група се преземени од отворени профили, а дел биле препраќани преку приватни профили и имале порнографска соддржина.

Согласно Кривичниот законик за производство и дистрибуција на детска порнографија казните се од пет до осум години.  Тој што произведува детска порнографија со цел за нејзина дистрибуција или ја пренесува или ја нуди или на друг начин ја прави достапна детската порнографија, ќе се казни со затвор од најмалку пет години, стои во законот, а за тој што набавува детска порнографија за себе или за друг или поседува детска порнографија, ќе се казни со затвор од пет до осум години.  Ако овие дела се сторени преку компјутерски систем или друго средство за масовна комуникација, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку осум години.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...