Истрагата е во тек или во чифт?

Апелираме надлежните органи, брзо, одговорно и со доза на нужна праведност што исклучува непотребни симпатии кон страните и конфликти на интереси, да дојдат до вистината и да ѝ ја соопштат на јавноста. Или имало рекет кон Азманов или немало, или имало обид за цензура на 1ТВ или немало - вистината е една и таа мора да се дознае.

4280

Значи, приказната, до овој момент, оди вака некако.

Бизнисменот Зоран Азманов ја обвинува телевизијата 1ТВ дека му побарала рекет (поткуп) од 50.000 евра или стан, за да не се објави сторијата за градежната мафија, во едно од досиејата на серијалот „Инсајдер“, кој допрва треба да стартува.

Првиот човек на 1ТВ, Бојан Јовановски, тврди дека тоа не е точно, дека не барал рекет од Азманов и дека сите што го знаат (него, Јовановски), знаат дека тој не би сторил такво нешто, особено не за тие пари или за стан.

Интересно е дека и двајцата не негираат дека биле во меѓусебна комуникација, што е многу важен момент. Кон ова треба да се додаде и наводната закана на Азманов кон уредниците на 1 ТВ со убиство и самоубиство. И секако, обвинувањата на сметка на поранешниот градоначалник на Аеродором, Ивица Коневски.

Конечно, најважниот факт е следниов – со или без докази, сеедно, Азманов случајот го пријавил во полиција. Кавгата доби широк публицитет, па може да се смета дека гласот за неа допрел и до јавниот обвинител. Со тоа, создадени се сите неопходни услови надлежните органи да постапат според своите законски овластувања.

Азманов и Јовановски ги познавам површно. Но, затоа познавам повеќе уредници во таа телевизија, а со некои сум и долгогодишен пријател. Сепак, кажувам јавно дека ништо не ме обврзува било кому да поклонам верба. Ги почитувам моите колеги, имам мислење за нив, но немам намера да судам и да пресудувам. Затоа што тоа не е моја работа, не е работа на медиумите и особено не е работа на новинарските здруженија.

Во случаи како овој, кога имаме директни и прецизни обвинувања за наводно рекетирање и исто толку директни возвратни обвинувања за обид за притисок врз медиум и за заведување цензура, органите на прогонот се должни многу сериозно и многу темелно да ги истражат наводите и да ја откријат вистината. Дотолку повеќе што гласините за опасно рекетирање во македонското новинарство земаат замав и се наложува многу поголемо внимание и на надлежните служби и на заедницата во целина.

„Слободен печат“ и Плусинфо нема да ја водат истрагата и нема никого да обвинуваат или да бранат. На првата средба со моите уредници после кусиот зимски одмор, побарав нашиот весник да не го „истражува“ случајот и да не изигруваат полицаец, со цел написите да не се сведат на пласман на обвинувања и контраобвинувања генерирани од нашето „новинарско истражување“. На колегите им кажав отворено – ако не можеме да допреме до вистината, а не можеме, тоа значи дека не можеме да напишеме чесен текст.

Ситуацијата битно се смени кога Азманов настапи официјално, на конференција за печатот, а лидерот на 1ТВ, Јовановски, одговори исто така јавно, на својата телевизија. Пандорината кутија се отвори. Сега очекуваме и апелираме надлежните органи, брзо, одговорно и со доза на нужна праведност (што исклучува непотребни симпатии кон страните и конфликти на интереси), да дојдат до вистината и да ѝ ја соопштат на јавноста. Вистината е една и таа мора да се дознае.

Претпоставувам, истрагата е во тек. Или е во чифт?

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...