Источниот Медитеран како нов извор на природен гас

Сагата за гас во регионот започна во периодот 2009-2011 година со откривањето на полињата Тамар и Левиатан, крај бреговите на Израел и полето Афродита во близина на Кипар.

145

Последните неколку месеци беа исполнети со ангажмани во секторот за гас во Источниот Медитеран, објави Фајненшл Тајмс – Лондон.

По речиси една деценија шпекулации за потенцијалот на ресурсите во регионот, последните случувања конечно тргнаа во вистинска насока.

Во јануари во Каиро се сретнаа министрите за енергетика на Кипар, Египет, Грција, Јордан и Израел, со претставници на Италија и палестинските власти, за да разговараат околу регионалната соработка во однос на експлоатацијата гас од морското дно.

Резултатот беше создавање на Источномедитерански форум за гас, насочен кон развој на регионален пазар на гас и искористување на инфраструктурата за течен природен гас во Египет.

Тој беше проследен со договор во декември помеѓу Египет и Кипар за создавање и одржување на услови за изградба на гасовод, кој ќе ги поврзе гасните полиња Афродита во крајбрежјето на Кипар, со египетските капацитети за течен природен гас.

Имаше нов развој на 28 февруари кога „ЕксонМобајл“ најави  дека открил ново наоѓалиште на гас во водите близу Кипар, што двојно ги зголеми проектираните ресурси во кипарските територијални води.

Заинтересираните страни сега треба да ги остават настрана сите разлики меѓу себе и да ја искористат можноста.

Сагата за гас во регионот започна во периодот 2009-2011 година со откривањето на полињата Тамар и Левиатан, крај бреговите на Израел и полето Афродита во близина на Кипар. Различни опции за извоз почнаа да се појавуваат на маса, од гасоводи кон Турција или Грција, до инсталации за течен природен гас до Кипар, Израел и Египет. Очекувањата беа големи и наоѓалиштата станаа средство за стимулирање на нова ера на економска и политичка стабилност во регионот.

Сепак, првичните очекувања, набрзо спласнаа. Во Израел, долгата дебата во врска со управувањето со гасните ресурси, предизвика несигурност и одлагање на донесувањето одлуки за инвестирање. На Кипар, каде гасот беше пречекан како „Божји дар“ за ублажување на финансиските проблеми на земјата, ентузијазмот спласна по серијата ревизии на големината на енергетските резерви. Овие настани предизвикаа скептицизам околу целата идеја дека регионот може да стане извозник на природен гас.

Меѓутоа, надежите беа возобновени во 2015 година, кога италијанската енергетска компанија „Ени“ го отвори гасното поле Зор крај брегот на Египет, најголемо досега во Медитеранот. При невиден брз развој, производството во Зор почнува во декември 2017 година, што помогна Египет да го зголеми снабдувањето со гас по бурните години, во кои земјата од нето извозник, стана нето увозник. Зор одбележа и нова фаза на истражување во водите на Египет, што доведе до нови откритија.

Значењето на Зор оди подалеку од Египет. Блискоста со другите гасни полиња надвор од Израел и Кипар би можела да поттикне координиран развој и на тој начин да обезбеди создавање на конкурентна регионална инфраструктура за извоз на гас.

Египет веќе има инфраструктура за извоз на течен природен гас во Идку и Дамиета со капацитет од 19 милијарди кубни метри годишно, но моментно е неактивена. Тоа би можело да овозможи брз извоз на гас од египетските, израелските и кипарските реони. Двете инсталации може да се прошират доколку е потребно.

За Израел и Кипар, соработката со Египет е од клучно значење. Изградбата на извозната инфраструктура и експлоатацијата на полињата е поврзан систем. Ако постојат политички или трговски ризици за функционирањето на извознате инфраструктура кога ќе започне производството, ќе бидат загубени многу пари.

Доколку полињата се покажат послаби од очекувањата, скапата инфраструктура ќе стои без работа. На пример, предложениот кипарски проект за течен гас „Василикос” има приближна вредност од пет милијарди евра, додека гасоводот „ИстМед“, кој ги поврзува Израел, Кипар, Грција и Италија, се очекува да чини повеќе од шест милијарди евра.

Комбинацијата на инфраструктура со недоволно искористени капацитети со можноста за проширување со неколку ветувачки гасни полиња, може да биде клучот за отклучувањето на неискористениот регионален потенцијал.

Најлогичниот курс е да се создаде источномедитерански пазар на гас, базиран на постоечката инфраструктура за течен природен гас во Египет, со придобивки за сите вклучени регионални играчи. Тоа би претставувало и можност за Европа, каде потребата за увоз на гас најверојатно ќе расте во наредните години, бидејќи внатрешното производство се намалува и веќе постоја големи капацитет за прием на течен природен гас.

Таквиот пристап би им дал на доставувачите од Источниот Медитеран флексибилност во однос на пазарите во иднина, што ќе им овозможи да ги опслужуваат и азиските пазари, на пример преку терминалите за течен природен гас во Египет.

И на крај, заедничка регионална шема за извоз преку египетските капацитети за течен природен гас би можела исто така да ја обезбеди првата можност за тестирање на трговската соработка меѓу Египет, Израел и Кипар.

Ако успее, оваа соработка би можела евентуално да се зголеми во 20-тите години на овој век, ако бидат откриени нови наоѓалишта во регионот и ако побарувачката на гас во Европа ја оправда изградбата на гасоводната инфраструктура. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...