Ќорсокакот во кој западнаа македонските колеги од македонско-бугарската комисија за историски прашања околу идентитетот на Гоце Делчев, се должи на крајната непромисленост со прифаќањето на погрешната методологија за определување на „заедничка“ историја, по што следеше и леснотијата со која го прогласија средновековието за „заедничко“, придавајќи им со тоа „бугарска“ идентификација и каректер на средновековните личности и историски процеси, пишува професорот Митко Панов за порталот Експрес мк.
Резултатите од ваквиот неадекватен приод вели Панов, се веќе видливи и преточени во договорот на комисијата, кој, за апсурдот да биде поголем, предвидува дека основата за интерпретацијата на средновековното минато всушност ќе бидат бугарските национални историографски тези!
– Утврдувањето на „заедничката“ историја, што согласно со методологијата на комисијата подразбира да биде означена како „бугарска“, сега ги доведува македонските членови на комисијата во крајно апсурдна позиција да дебатираат за идентитетот на Гоце Делчев како личност од „заедничката“ историја, со оглед дека истото веќе го примениле и направиле за средновековието! – вели Панов
Панов додава дека сопгласно таа методологија, Самуиловата држава во македонските учебници ќе биде идентификувана како „бугарска“, а во бугарските учебници сосема сигурно ќе биде изучувана како дел од бугарската национална историја, со образложение дека бугарскиот етнички елемент бил доминантен?!.
Според него со ваквата конструирана формулација, вештачки се исклучува и изворниот географски термин Македонија, кадешто реално Самуил го лоцирал јадрото на својата независна држава и црква, а врз основа на што тој ја темелел својата политичка и идеолошка програма.
-Употребата на политичкиот термин „Република Северна Македонија“, наместо географскиот – Македонија за упатување на средиштето на Самуиловата држава – маркирана како „бугарска“, само ја рефлектира апсурдноста на договорот на комисијата, чијашто методологија, уште од самиот почеток евидентно се сведува на политичка, а не на научна.Со други зборови, македонската „де-национализирана“ историја за средновековниот период, согласно со комисискиот договор, би се темелела на „заедничката“ историја произлезена од средновековната државност на Бугарија, која за Бугарија ќе продолжи да претставува национална историја – вели Панов
Тој се прашува како ќе биде идентификуван и одбележан цар Самуил и неговата држава и зошто решението се крие од граѓаните.
– Дали ќе се примени договорената формулација која ја обелодени проф. Кајчев? Дали ќе се пренебрегне историскиот факт дека македонската интелегенција и револуционерите, уште од Крсте Мисирков и Илинденското востание, преку Васил Ивановски, Ангел Динев, Коста Рацин, Кирил Николов, Павел Шатев, Панко Брашнаров …, го издигнале Самуил како историски симбол на отпорот на Македонците и тежненијата за самостојна држава, пред и за време на Втората светска војна?!
Панов го поставува и клучното прашање:
-Дали од историската меморија на македонската нација ќе се избришат одлуките и Манифестот на АСНОМ со кои Самуил и Самуиловата држава се идентификуваат и означуваат како историска детерминанта на средновековната државност? Што ќе биде со идентификувањето на Охридската архиепископија, чиишто традиции се вградени и произлезени од Самуиловата држава и црква?! Како ќе се одбележуваат идните јубилеи на Македонската православна црква – Охриска архиепископија?! вели Панов.