На крај памет не ми е да го потценувам таканаречениот спор за името кој што, од година в година, прерасна во нешто многу повеќе, и нешто многу поглупаво. И тоа е проблем во кој што, во сегашниот миг, е неопходна толеранција. Дури и на глупоста! Ама, каков и да биде исходот, оваа држава, овој народ, ќе продолжат да постојат, со префикс или без него, и тука јужниот сосед не може ама баш ништо да направи. А и тие тоа го знаат!
Но, историскиот миг за македонската култура може да отиде неповрат. И тоа го говори речиси секој разумен поединец во македонската култура, па и вон неа, знаејќи ги „условите“ односно состојбите во кои што таа се најде по децениското дивеење на криминалните „патриоти“. И иако малкумина, или речиси никој во оваа култура не го кажува тоа доволно гласно, сите се свесни дека времето бргу ни изминува. Дека институциите дополнително се разнебитуваат – физички, кадровски, програмски – дека започнатите или само назначените сериозни реформи се само првиот, безмалу срамежлив чекор во насоката на она што треба поенергично да се прави. Од ден во ден, од месец во месец! И тоа малку преостанато време ама баш никако не трпи толеранции од каков и да е’ вид. Никако, повторно, не ги потценувам напорите за конечно разрешување на спорот со името, за заживувањето на економијата, за реформите и во другите општествени сектори. Ама мислам дека некако недоволно во јавноста се препознава важноста на овој миг за македонската култура, за нејзината реанимација од зомби состојбата во која што беше очигледно намерно доведена – и никој не се прашува зошто? – како и фактот дека дури и во времето кога не постоела македонска држава, македонско здравство, македонска економија … сепак постоела – македонска култура. И нејзините дострели биле препознавани во Европа (која што денес веќе тешко не’ препознава, особено во културата!) и светот. Оттука и не држи флоскулата: што ќе ни е култура ако немаме држава. Па и онаа изветвенана дека часовникот немилосрдно отчукува, зашто тоа кај нас е чиста реалност, состојба, судбина – културниот часовник кај нас одамна застана(л).
Токму затоа, она што македонската актуелна политика мора да го препознае, како што впрочем и во 1945 година беше препознаено од некои други македонски генерации, е историскиот миг за поддршка на реформските процеси во култура, за обезбедување на доволно мир, стабилност и средства за нејзина ревитализација, а некаде богами и започнување од почеток, од чиста голема нула. А (ќе) треба и борбен дух, недвојбено. Но, зошто велам дека мигот е историски? Затоа што процесите на атрофија во македонската култура – да не кажам некој посилен збор – се евидентни. Ги гледаме секој ден. Поважни им / ни станаа личните апетити и суети од општите напори за заживување на културните процеси; побитни им / ни се групашките и тесноеснафските интереси и кадровски комбинаторики од ревитализацијата на институциите. Зашто, нема култура без силни, професионални институции. Поединечните успеси, нека се и најголеми, се важни, и престижни, ама тоа се само индивидуални пробиви обезбедени, повторно, на еден или на друг начин, со посредството на силните институции. Така денес функционира културата, особено во земјите од нашиот „тип“. Личните кариери на нашите (сепак докажано малограѓански) локални ѕвезди не можат да бидат побитни од општиот културен развој. Зашто македонската култура остана без нејзиниот најдрагоцен патоказ – европската перспектива. Тој патоказ беше систематски потиснуван, репресиран, уништуван, токму во името на некакви / некои други налудничави „идеи“ и „теории“ што всушност требаа да ја држат македонската култура во покорност под криминалци, незнајковци, клиенти, корумпирани „ѕвезди“. И тие се уште тука, дури примани од високи функционери, сега тие се претставуваат како обесправени, депривирани, дури „идеолошки“ прогонувани, во што, се разбира, нема ни трошка вистина. Тие се уште тука, прво, заради своите себично профитерски лични интереси, и второ, тие повторно се петтата колона која што веќе почна да одработува за некоја нова криминална иднина. Зашто само ним, и единствено ним, им одговара таква состојба. Ако тоа не ни е јасно, ништо не ни е јасно.
Во многу нешта македонската култура живее една нова 1945 година. Ја препознавале или не, таа е тука и ние треба со неа да се справиме. Да, несоодветен, дури ефтин збор – справување – во контекстот на еден важен миг за една цела култура, ама во одделни сегменти навистина мора и да се справуваме со остатоците од бившите криминални банди во културата. Но тоа е сепак само (навидум) минорен сегмент. Ние, денес, можеби немаме поединци од форматот на еден Блаже Конески, Кирил Миљовски, Крсте Црвенковски, Димитар Митрев, Михаило Петрушевски, Илија Милчин, Никола Мартиноски, Димче Коцо и други, ама сигурно имаме луѓе кои можат барем да ги трасираат новите витални патишта за македонската култура. Оние кои ќе не извадат од овој жабарник на митомани, квазиисторичари, копиранти и секакви други шалабајзери! Овие генерации политичари се тие кои мораат да го препознаат мигот, ама и луѓето – без предрасуди, без калкулации, без дворски интриги. Нивниот успех ќе биде и наш успех, на целата култура. Нивниот неуспех? Е па – господ нека ни е напомош! Зашто дури тогаш ќе немаме што да покажеме пред светот. Во современиот свет не се оди со фабрики и странски инвестиции, со некоја (самонаречена) бизнис клиентела (која што не би опстанала ни ден без огромна државна поткрепа!), со раскупусани аналомедиуми и ним слични полуписмени портали, светот денес не ги препознава државите според бројот на нивните милионери туку според степенот на културниот развој, според дострелите во културата и уметноста. А нив не ги прават единствено оние малограѓански плачип…и на кои секогаш им е малку и се’ некој им пречи, туку развиената свест за почитувањето на културното наследство, на културните права, на достапноста на културата до најмалото населено место во државата … Па ние, ако баш сакате, не умеевме саглам да ја испочитуваме ни годишнината од „Шарената револуција“ – настан колку демократски важен толку, и повеќе, и културолошки битен за денешниот миг!
Извор: Теодосиевски: За Уметноста