Историски дострел на Хематологија: Филип доби матични клетки од несроден донор (ВИДЕО)

837

Првата трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител во Македонија е извршена на Универзитетската клиника за хематологија во Скопје, минатата недела. За оваа интервенција пациентите досега беа упатувани во странство, бидејќи во земјата во изминативе 18 години се вршеше само сродна трансплантација.

Првиот трансплантиран пациент со оваа интервенција, Филип, во видео пораката упатена до јавноста го раскажа своето искуство, за неговата приказна да ги охрабри сите останати пациенти кои имаат потреба од оваа здравствена услуга.

– Првпат во Република Македонија направивме трансплантација на матични клетки од несроден донор кај пациентот Филип Димишковски (22), кој боледуваше од акутна миелобластна леукемија, и кој со ова влезе во историјата на македонската медицина. Остваруваме сон на многу генерации хематолози. Од денеска се врши и несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки. Станува збор за сложена биолошка процедура, со која се лекуваат најтешките заболувања на крвта, а сега се отвора можност покрај домашните, да се лекуваат и странски пациенти на Клиниката за хематологија – рече на денешната прес конференција во Министерството за здравство д-р Ирина Пановска Ставридис, директорка на Клиниката.

Таа истакна дека ова е висок професионален дострел на хематолозите, со кој се испишува нова страница на македонската медицина.

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, рече дека од денеска, лекувањето на тешки малигни заболувања на крвта се врши по еднакви процедури, како во кој било светски или европски современ центар, таа е веќе редовно достапна за сите пациенти во нашата држава.

– Со ова, нашата држава стана дел од Европскиот регистар, а воедно се овозможува голема заштеда на средства, кои остануваат во здравствениот систем – истакна денеска министерот Филипче, кој додаде дека е реализирано ветувањето за инвестиција на Клиниката за хематологија, а продолжуваат инвестициите во инфраструктура во јавноздравствениот систем.

– Министерството за здравство и во иднина продолжува да дава поддршка на сите вакви проекти, кои значително го подигнуваат квалитетот во функционирањето на здравствените установи – посочи министерот Филипче.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, изјави дека пациентите нема потреба повеќе да патуваат во странство и да плаќаат огромни пари за лекување ваков тип на болести.

За операција на коскена срцевина, која е една од најскапите интервенции, досега се одвојувале по 110.000 – 120.000 евра, а во некои случаи и до 250.000 евра, зависно од земјата и видот на самата интервенција.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...