Историската грешка на Макрон со Северна Македонија и Албанија

475
ФОТО: EPA / YOAN VALAT / POOL

Јутарњи лист – Загреб

Како и многу пати порано, арогантната хрватска јавност дури и не се осврна на неодамнешниот настан што го потресе она што го нарекуваме „регион“. Се разбира, станува збор за одлуката на Европскиот совет да не отвора преговори за членство со Северна Македонија и Албанија. Одлука која длабоко ја компромитира Европската унија, како институција на која може да се верува исто колку и на Доналд Трамп, но и одлука која ја става Хрватска во ужасно непријатна позиција.

Затоа што – сакаме ние или не – Хрватска е во „регионот“, а потресите што може да следуваат затоа што псевдолибералот Емануел Макрон, за да покаже дека влијае врз европската политика, ги погази сите ветувања што ЕУ им ги даде на Македонците и на Албанците, можеби нема да се почувствуваат во Данска и Португалија, но во Хрватска сигурно ќе бидат почуствувани. Со колкав интензитет допрва треба да се види.

Едно е сигурно, Европската унија се потврди како несигурна заедница која ги погазува сопствените ветувања. Уште полошо, одлуките на ЕУ ја отвораат вратата за Русија, Турција и Кина, а можеби и за нови војни. Сето ова можеше да се спречи со едноставна одлука за почеток на преговори со Скопје и Тирана, но Макрон реши да зготви каша, која други ќе мора да ја јадат.

Симболично значење

Одлуката за почеток на разговори за членство не значи членство, туку на прво место има само симболично значење со цел да се признае постигнато и да се охрабрат овие земји на долг и тежок процес на пристапување на земјите-кандидатки во ЕУ. Водечките европски политичари, исто така, се чини дека се срамат: „Не е ваша вина, ние сме виновни. Вие ја завршивте својата работа, ние не ја завршивме нашата“, им порача претседателот на Европскиот совет Доналд Туск на граѓаните на Албанија и Северна Македонија. „Мислам дека ова е историска грешка“, предупреди Жан-Клод Јункер, кој се збогува од должностите на претседател на Европската комисија. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ исто така заклучи дека е разочаран, бидејќи „двете држави го заслужија тоа заради реформите што ги спроведоа и заради критериумите утврдени од Европската комисија и кои се задоволени“.

Она што го велат Јункер, Туск и Пленковиќ се сведува на фактот дека Македонците се согласија да го сменат дури и името на државата за да ги смират Грците, како што беше  условено од Брисел. Тие, исто така, постигнаа меѓудржавен консензус со Албанците, а владата на Зоран Заев ги расчистува корупциските скандали на неговиот претходник, Никола Груевски. И во обете држави, стандардите што важат во Европската унија почнуваат да се усвојуваат чекор по чекор. И тогаш Европа им удри клоца.

Владимир Путин и Реџеп Ердоган мора да бидат среќни кога гледаат што прави Европската унија. Затоа што отфрлањето на Македонија и Албанија воедно е и порака до Србија, Црна Гора, БиХ и Косово дека се непожелни. Легитимно е, но какви ќе бидат последиците? „Ако Европа не не сака, има некој што нè сака“, ќе биде одговорот во балканското соседство на Хрватска. Сега зошто Србија да не продолжи да увезува руско оружје и да дозволува кинески инвестиции, а притоа да ги доведе односите со Косово на работ на конфликт? Кој може да спречи поблиско поврзување на Република Српска и Србија или Албанија и Косово, како и дезинтеграција на Македонија и Босна и Херцеговина. Во овие околности, зошто Бошњаците не би побрзале кон прегратката на Турција, а Драган Човиќ да почне да ја обновува Херцег-Босна? И ете ти беља, па можеби и повторување на настаните од 90-тите години.

Некои од овие земји се во непосредна близина на Хрватска, додека други се оддалечени неколку стотици километри. Но, колку и да гледа Колинда Грабар-Китаровиќ кон Украина, Полска и Балтикот, тоа е дел од европскиот континент чии проблеми не се грижа на Хрватска. Но, последиците од глупавата одлука на Европската унија кон Северна Македонија и Албанија ќе бидат гаден проблем за Хрватска.

ФОТО: EPA / YOAN VALAT / POOL

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...