Џо Бајден неодамна објави дека ќе се кандидира за претседател на САД во 2020 година, а сега испливаа негови контроверзни изјави од 2007 година.
Кога Вашингтон пост го прашал Бајден како ги објаснува драстично различните резултати во успехот во училиште во Ајова во споредба со училиштата во Вашингтон, тој како причина ја навел високата популација на Афроамериканци и други малцинства во Вашингтон.
– Помалку од еден процент од популацијата во Ајова се Афроамериканци. А во Вашингтон? Мораме да се вратиме на она од што се почнува и со што прво се располага – рекол Бајден.
Тој продолжил да зборува за „дисфункционални домови“ во малцинските заедници и сугерирал дека мајките кои припаѓаат на малцинствата, не разговараат со своите деца „од раѓање“.
– Кога имате деца кои доаѓаат од дисфункционални домови, кога имате деца кои доаѓаат од домови каде нема книги, каде мајка од раѓање не разговара со нив – за разлика од мајките во Ајова кои разговараат со нив, детето тргнува со речник поголем од 300 зборови за три години – рекол Бајден.
Како што јавил Си-Ен-Ен, демократите веднаш се обиделе да ја „испеглаат“ оваа изјава, нагласувајќи дека Бајден зборувал за „социо-економски, а не расни разлики“.
Меѓутоа на интернет минатата недела се појави и видео на Бајден од 2007, во кое се зборува за употреба на кондоми и тестирање за ХИВ.
Бајден тогаш се фалел дека цело лето се обидувал да ги убеди лицата со темна боја на кожата да носат кондоми, ја критикувал заедницата поради тоа што не знае доволно за СИДА, па го пофалил Обама бидејќи направил тест.
– Јас се тестирав за ХИВ и Обама тоа го направи. Не е срамота да се тестираш. Тоа е важна работа – додал Бајден.
ФОТО: EPA / DAVID MAXWELL