Испитување: Младите имаат желба критички да размислуваат

95

Младите во земјава имаат желба критички да размислуваат и сами се определуваат како индивидуи кои сакаат критички да размислуваат, но способноста за критичко размислување не е толку голема колку што тие мислат. Повеќе од две третини би разговарале за општествен проблем, покажуваат наодите од првиот циклус на истражувањето, спроведено од Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис и Евротинк – Центар за европски стратегии преку проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, финансиран од Европската Унија.

Како што истакна Александар Стојановски, постар истражувач во Евротинк, во првата година од тригодишниот проект целна група им биле младите во Македонија, а теренското истражување било спроведено од декември 2018 година до февруари 2019 година врз 301 испитаник од УКИМ, УКЛО и Универзитетот на ЈИЕ од кои 49 отсто биле од машки, а 51 отсто од женски пол.

– Просечната возраст на испитаниците кои ги опфативме беше 19,5 години, а возраста им се движеше од 18 до 23 години. Во испитувањето се обидовме да ја утврдиме  врската помеѓу способноста за критичко размислување и навиките за информирање, односно медиумската писменост кај младите. Утврдивме дека младите најмногу се информираат од интернетот и оти 38 проценти од информациите ги добиваат преку електронските верзии од медиумите, 32 проценти од социјалните медиуми каде предничат инстаграм и фејсбук, осум отсто од телевизиите, а еден отсто од печатените медиуми – рече Стојановски на денешната прес-конференција.

При испитувањето за потврда на дадените одговори на испитаниците, нагласи Стојановски, им беа дадени неколку логички тестови за да видиме колку критички размислуваат.

– Беше увидено дека само еден процент од испитаниците успеаја точно да одговорат на сите четири логички тестови, а два отсто на три од четирите. Тоа укажува дека желбата критички да размислуваат е голема, а способноста за критичко размислување не е баш така голема колку што излегува од нивниот став. Од испитаните 56 отсто не размислуваат најдобро кога се под притисок, а 74,4 отсто треба повеќе критички да размислуваат – рече Стојановски.

Тој посочи дека младите неделно просечно поминуваат 39 часа на интернет, 13 часа на телевизија и четири час слушајќи радио. Од испитаниците 22 отсто ја користат телевизијата за да гледаат информативни содржини, 20 отсто за едукативни содржини, 56 отсто за забавни содржини, а само еден отсто следат контактни емисии на телевизија. Само домашна телевизија гледаат четири отсто од испитаниците, само странска 10 отсто, 20 отсто од испитаниците гледаат и домашна и странска телевизија со доминантна застапеност на домашната, а кај 35 отсто кои гледаат и домашна и странска доминантна е странската телевизија.

– Младите најчесто се сомневаат во вистинитоста на веста доколку е напишана со лош правопис кога станува збор за пишана вест, или од начинот на споделување доколку е видео вест. Потоа следат изворот на веста, авторитетот на авторот, степенот на субјективност кај медиумот – посочи Стојановски и додаде дека 58 отсто од испитаниците би го провериле изворот на веста доколку постои линк до веста што ја цитира медиумот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...