Испечени се малку од сонцето, му кажува соговорник на Миле Јанакиески кој прашува како изгледаат гласачите од Мала Преспа кои треба да се носат на гласање во Центар на локалните избори 2013. Станува збор за разговори од т.н. бомби кои утрово се слушаат на рочиште за предметот „Титаник“ во Кривичниот суд Скопје 1.
Екс министерот за транспорт и врски вели дека ќе носат гласачи од Кавадарци и други места, меѓу кои и Гази Баба, зашто тие знаеле македонски, а тие од Мала Преспа, пред се жените, не знаеле.
– Зборуваат македонски литературно, тие од Кавадарци се полоши од тие од Мала Преспа – му одговара соговорникот на Јанакиески, кој претходно кажува дека се враќа од Ресен.
Во останатите бомби за гласачите кои беа носени од Преспа се слуша дека тие треба да гласаат на 34 гласачки места. Околу ова Јанакиески разговара и со поранешната заменичка министерка за правда, Билјана Бришковска Бошковска.
Во дел од другите разговори кои денеска се слушаат во Кривичниот суд, се слушна и како се организираат чартер летови за денот на гласање од Швајцарија, Италија…
Во еден од разговорите Јанакиески разговара со актуелниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев кој треба да организира два чартер лета. Наместо еден, Јанакиески бара од од него да организира уште еден авион, а тој му кажува дека сега на само ден-два пред денот на летање, авионот ќе ги чини дури 150.000 евра.
Во друг разговор се слуша како Јанакиески се нервира за гласачи од Италија кои не сакале да летаат во недела на денот на гласање туку сакале да си дојдат ден порано, во сабота.
– Претеруваат. Неќат у недела сакале и сабота. Претераа. Националистите не можеле у недела сабајле да станат. Што националисти ќе беа, да му е*ам мајката? – вели Јанакиески.
- Кои пари се за Србите, а кои за „шиптарите“, објаснува Јанкулоска во „бомбите“
- Еден час се слушаа бомби за изборите, па Груевски, Јанакиески и Пепиќ отидоа на други судења