Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Нола Исмајлоска Старова, која беше исклучена од партијата бидејќи гласаше „за“ отворање на Уставот, во нејзиното гостување во Тренд анализа на ТВ 24 Вести изјави дека гласала оти смета дека без имплементација на Договорот од Преспа очигледно е дека не можеме да одиме напред.
-Јас својот глас „за“ го дадов биејќи сметам дека треба да се даде шанса на процесот и да се обиеме уставните измени да бидат што поквалитетни бидејќи по пораките кои ги добивме од ЕУ и САД очигледно е дека не можеме да одиме напред по евроатланскиот пат без решавање на проблемот со Грција. Можеби можело да има подобар договор, но тоа е што е. Наше е со нашите предлози да се обидеме да придонесеме до што подобра реализација на Договорот и да придонесеме Република Македонија да оди напред – рече Исмајлоска Старова.
Таа рече дека од квалитетот на амандманите ќе зависи дали на крајот ќе гласа за уставните измени.
Таа не сакаше да ја коментира одлуката за нејзино исклучување од партијата, порача дека е израсната со партијата која е евроатлански ориентирана и посочи дека смета оти времето ќе покаже дека одлуката да гласа е правилна.