Искра Шукарова: Да се даде акцент на професионализација, а не на партизација во културата!

Пред сè, ни недостига простор за вежби - сала. После десет години постоење ние сè уште немаме своја сала. Многу ни значи поддршката од НОБ, бидејќи многу од практичните вежби ги одржуваме таму, но ред е да имаме своја сала за вежби. Сметам дека тоа еден од приоритетите на нашата катедра за балетска педагогија при ФМУ, вели Шукарова.

1007

Нивото на културата ни е во зародиш. Не во смисла на ангажираноста на културните дејци, за голема среќа денес има сè повеќе храбри млади луѓе кои сакаат да се изразат и тоа го прават, туку во однос на поддршката на ниво на системот кој постојано има извитоперени гледишта за културата и многу често погрешни луѓе кои носат важни одлуки, вели Искра Шукарова, наша истакната кореографка, професор и перформерка.

Со Шукарова зборуваме и за тоа што значи да се вложиш во уметноста, кај нас, „со сите сили до денешен ден“, имаме ли публика која знае да го вреднува трудот на уметникот и колку се дава акцент на професионализацијата, наместо на партизацијата во културата.

Ве наоѓаме пред патување во САД, и Ви благодарами за посветеното време, за каква уметничка резиденција станува збор?

– Се работи за уметничка резиденција која ќе се случува во државите Њујорк и Масачусетс во САД. Многу интересна резиденција насловена „Earthdance residency“ истакнувајќи ја потребата за пронаоѓање на човекот со природата. Оваа резиденција прво започнува во Њујорк, каде се собираат сите интернационални учесници, за потоа да се продолжи со престојот во прекрасната природа во Масачусетс, каде ќе се испитуваат теми кои се поврзани со движењето и природата. Веќе еднаш бев поканета во 2013. и оттогаш со поинакви очи ја гледам природата. Темите кои ги обработуваме, како дел од истражувачкиот процес, се многу суптилни и допираат длабоко во суштината за тоа како се спојуваме со природата. Во тој предел порано живееле Мохиканците, се работи за многу дива и нескротена природа во која група танчери во седумдесетите години дошле од урбаниот Њујорк и посакале тука да живеат и творат. Воедно, ќе предавам на студенти кои доаѓаат да ги споделат со нас своите искуства и да научат нови пристапи во современиот танц. На крај на престојот ќе имаме отворена презентација за резиденцијата пред публика во Њујорк. Резиденцијата е организирана од Петер Шишиоли кој е мој колега и асистент на познатата Меридит Монк. Престојот е поддржан од мрежата „Global Practice Sharing“ како дел од „Movement Research NYC“ и фондот „Trust for Mutual Understanding“.

Летово го посветивте на организирање на уметнички резиденции на млади автори за современ танц, какво е искуството и кои се придобивките за младите?

– Во јуни и јули имав можност со колеги од регионот да соработувам во насока на резиденции кои тие ги развиваа во Софија и Будимпешта и на нивна покана испратив студенти кои сега завршија четврта година на дообразба во полето на современиот танц. Резиденциите им отворија нови погледи и им дадоа силна основа за своите сопствени истражувања и секако, да се пронајдат себеси како идни педагози по современа балетска педагогија. Јас, како професор, постојано ги охрабрувам во тоа. Тие на овие резиденции имаа можност да бидат во одлични центри и да работат со еминенти уметници од светот.

Што значи да се биде професор по балетска педагогија при ФМУ?

– Навистина уживам во работата како професор бидејќи после толку години акумулирано знаење можам да го пренесувам на млади луѓе кои имаат желба да навлезат во суштината на современиот танц, така што секој час ми е предизвик. Ги следам нивните потреби бидејќи се фокусирам на личниот напредок на секој од нив. Сите студенти се со различни афинитети и моја задача е да им ги посочам доблестите, но и слабите страни, на кои треба да работат. Имавме прекрасен концерт во јуни во НОВ – мала сцена, каде се одржа и отворена дискусија за делата кои студентите ги прикажаа како дел од нивната истражувачка работа под мое менторство. Прикажаа иновативност и оригиналност во пристапот и многу ни значеше отворената дискусија и мислењето на публиката.

Иницијатор сте на бројни проекти реализирани во странство, колку таквите проекти би можеле да се реализираат во Македонија?

– За мене успешен проект значи да имаш успешна соработка со сите кои се дел од процесот. Многу е важно да се има отворена комуникација со соработниците. Сметам дека кога нешто не оди при креативниот процес треба да се најде начин да се види зошто е тоа така. Само со отворени пристапи, размена на гледишта и конструктивен „фидбек“ може да прогресира процесот. Се трудам да имам отворен пристап со сите кои се дел од тимот. Само во тој случај и јас се чувствувам добро. Кога работам во странство ги практикувам споменатите методи на работа, а и кога работам дома ги поставувам истите параметри и пред сè важно ми е да ни е убаво на сите. А кога е така, се чувствува, и тогаш сите уживаме и се играме.

Цел живот сте посветена на класичниот и современиот танц, се чувствувате ли исполнета од тоа што до сега сте го направиле?

– Сметам дека овие две танцови форми имаат секоја свое значење и историска улога. И кога предавам правам паралели помеѓу двете форми, бидејќи се дел од моето танцово образование. Ги владеам двете техники и пристапи. Паралелно со развојот на совремнеиот танц, во исто време, бев истакнат солист при балетот цели 20 години. Современиот танц почнав да го развивам кај нас од 1994 година, после мојата специјализација во Франција. Со моето прво дело „Пастели“, кое беше на репертоар на НОБ и со кое реализиравме многу квалитетни гостувања низ регионот, увидов дека во тој момент нужна мисија за мене беше да се посветам на оваа танцова форма и да ја развивам понатаму кај нас. По многуте специјализации за современ танц, магистерските студии во Лабан Центар Лондон – Тринити Колеџ и докторските Театролошки студии при ФДУ-УКИМ, продолжив да ја развивам оваа танцова форма кај нас со сите сили до денешен ден.

Што ни недостига во образовниот процес во однос на балетската педагогија?

– Пред сè ни недостига простор за вежби – сала. После десет години постоење ние сè уште немаме своја сала. Многу ни значи поддршката од НОБ, бидејќи многу од практичните вежби ги одржуваме таму, но ред е да имаме своја сала за вежби. Сметам дека тоа еден од приоритетите на нашата катедра за балетска педагогија при ФМУ.

Имаме ли публика која знае да препознае квалитетно балетско дело?

– Многу зависи за каков вид на дело станува збор. Во однос на современиот танц публиката кај нас сè уште се едуцира бидејќи оваа танцова форма си го зазема местото на сцената. Публиката знае да распознае квалитетно дело, бидејќи дело што има јасна идеја може да допре до гледачот. Она што сметам, треба да биде предизвик кај публиката, е да не биде само набљудувач туку ангажиран активен гледач. Конечно, со публиката се заокружува перформативниот чин и таа има голема одговорност во процесот.

Какво ни е нивото на културата во Македонија?

– Нивото на културата ни е во зародиш. Не во смисла на ангажираноста на културните дејци, за голема среќа денес има сè повеќе храбри млади луѓе кои сакаат да се изразат и тоа го прават, туку во однос на поддршката на ниво на системот кој постојано има извитоперени гледишта за културата и многу често погрешни луѓе кои носат важни одлуки. Треба да се подобрат, секако, условите за работа на уметникот, посебно во делот на независната сцена која е многу битен сегмент во културата. Сметам, исто така, дека треба да се даде акцент на професионализација, а не на партизација во културата. Сè уште не ги гледам овие клучни исчекори кај нас кои, за мене, претставуваат единствна надеж за просперитет на културата воопшто, како еден од најбитните сегменти во општеството.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...