Секоја година во ова време, а тоа стана веќе непишано правило, се кршат копјата околу резултатите од Конкурсот за проекти на Министерството за култура на Република Македонија. Така е не со години, туку со децении, независно кој е на власт – секогаш има повеќе незадоволници отколку среќници. Па, дури и тие што би требало да се (пре)задоволни – коментираат, реагираат и негодуваат дека можело и требало да добијат повеќе?! А, тоа е така зашто не станува збор за естетски и вредносен конкурс, туку за социјален конкурс од типот секому по малку, за да има мир во куќата, а не само и докрај според реални и објективни параметри и критериуми.
Сите негодуваат и сите се безмалку во парво. Првите што не добиле воопшто ништо, или добиле (пре)малку, а другите што добиле повеќе, но не доволно и толку колку што очекувале!?
А, сепак, не станува збор само за социјален конкурс и за урамниловка од типот секому по малку (читајте: трошки, залаци или кнедли за сите недобројни, гладни и алчни усти), туку и за проекти кои се релевантни, значајни, издржани и за земјата и во странство.
И, замислете, притоа не се гледа и не е битна содржината, туку формата. Така, се пополнуваат гломазни апликации (обрасци од кои најголема полза имаат производителите и продавачите на хартија), Централниот регистар, нотарите и другите слични на нив државни и приватни институции. Притоа, во апликациите има прашања на кои би им позавидела и Ванѓа од типот што очекувате од проектот, кои ќе бидат ефектите од проектот и слично, а за чии одговори малку ви се фразеолошките речници и розовите очила.
Но, како и да е, кога веќе е востановена, прифатена и одомаќинета таа и таква бирократска шема, форма и процедура – таа мора и докрај и доследно да се (ис)почитува! Во спротивно, треба да се поништи целиот конкурс и постапката да се врати на самиот почеток. Зашто и лаиците и најлошите правници знаат дека конкурсните правила се однесуваат подеднакво на сите и надвор од рокот не може да се доставуваат други документи и да се менуваат јавно соопштените резултати.
Значи, може само да се разгледуваат жалбите и да се постапува по нив, а не да се доставуваат дополнително други документи и слично, Зашто, тогаш тоа се прави селективно, пристрасно, необјективно, паушално и правно неиздржано, недозволиво и нерегуларно, независно за кого да станува збор. Сите учесници на конкурсите се рамноправни и никакви дополнителни интервенции и отстапки не се дозволени и можни ниту кај доделените средства, ниту кај недоделените средства, освен само ако не станува збор за технички пропусти и грешки во износите, имињата на апликантите, насловите на проектите и слично.
Вака, едни имаат мајка, а други маќеа, односно исклучоците го потврдуваат правилото!!!