Светската криза на либералната демократија во последните децении во многу нешта наликува на кризата од триесеттите години од 20 век, во која практично исчезнаа безмалку сите либерални демократии на европскиот континент. Таа криза Бенјамин ја опиша како процес во кој исклучокот – вонредната состојба – станува правило и се претвора во ненормална нормалност. И, тука повторно се судруваме со „македонската политичка криза“ од деценијата на владеењето на ВМРО, за која повеќепати утврдивме дека е токму криза што ја карактеризира состојба што ја дефинираше Бенјамин – исклучување на демократијата што прераснува во правило и норма.
Интересно е дека и една година по симнувањето на ВМРО од власт, во политичката јавност – исто како и во интелектуалните кругови – не само што не постои ниту обид за теориско, филозофско или политиколошко објаснување на колапсот на македонската демократија, туку целото општество (обилно помогнато од нагласениот ентузијазам на меѓународната заедница) повторно глуми „нормалност“ и континуитет на сувереноста, државноста и демократијата, како нивното комплетно суспендирање воопшто и да не се случило. Како фашистичката декада на ВМРО да била „настинка што поминала лесно како што и дошла“ и не оставила видливи структурални штети зад себе.
Исклучокот како правило
Всушност, како што не го препознавме фашизмот пред 12 години – како исклучок од владеењето на правото и слободата – и го „живеевме“ трпеливо глумејќи нормалност, така и денес не забележуваме дека тешките структурални оштетувања што мафијашкиот тоталитаризам му ги нанесе на македонското општество, можат да се „залечат“ само со прогласување исклучок – на вонредна ситуација, во која се подразбира дека ќе бидат применети и вонредни мерки за медицинскиот третман на „заболениот“.
Убаво теориско објаснување на проблемот на нашата „заматена“ државна сувереност – искривоколченото невладеење на правото и како памучен тил кревката демократија – може да се најде на не толку изненадувачко место: во делото на Карл Шмит, големиот германски теоретичар на правото и политиката, кој во јавноста остана запаметен како „крунскиот правник на Хитлеровиот Трет Рајх“. Ползувајќи го парадоксот на општото што се дефинира преку исклучокот, Шмит изведе виртуозна теориска дефиниција на политичката сувереност преку нејзиниот исклучок, всушност преку вонредната состојба и диктатурата. Пишува тој: „Исклучокот (…) е случај што е исклучен од општата норма“. И, додава дека односот помеѓу исклучокот и правилото останува сочуван во форма на суспензија. „Нормата се применува на исклучокот така што не се применува, така што се повлекува од него. (…) Не е исклучокот тој што се издвојува од правилото, туку правилото – суспендирајќи се себеси – го создава исклучокот, и на тој начин самото се конституира како правило, останувајќи секогаш во тесна врска со исклучокот“.
Државната сувереност, исто како и просторот во кој владее правото, се дефинира себе си со препознавањето на границите во кои правото владее, а тоа е граничниот простор во кој правото самото се укинува, прогласувајќи вонредна состојба, во која тоа – како што е дефинирано во уставниот поредок – веќе не постои. Така сувереноста и владеењето на правото, практично се прошируваат за да „делуваат“ и вон своите граници, и тоа на сосем парадоксален начин: преку сопственото укинување. На тој начин, диктатурата станува не само составен дел на демократијата, туку ја презема улогата и на нејзината крајна потврда и дефиниција.
Оваа навидум езотерична и „тешка“ филозофија ја покажува својата ефикасна применливост во објаснувањето на комплесните историски ситуации – како што е тоа „македонската политичка криза“ – доколку се применува инверзно, во обратна насока.
Имено, доколку диктатурата како исклучок од правилото – стане правило, значи, со криминал го заземе просторот на владеењето на правото и стане норма – имаме ситуација на правило без исклучок, односно исклучок што се однесува како правило, или неограничена норма на невладеење на правото или владеење на неправото. Токму како што ѝ се случи на библиската земја!
Вонредни состојби
Поради тоа, од парадоксот на правилото што се потврдува и се дефинира со исклучокот, може да се донесат инверзни заклучоци што се клучни за разрешувањето на македонските егзистенцијални проблеми со справувањето со последиците од вмровската уништувачка декада: со декапацитираното општество, исто како и со нерешливата апорија на таканаречениот грчко-македонски спор со името. Решенијата на нашите проблеми се во сфаќањето дека последиците од вмровскиот фашизам – како состојба што го исклучуваше владеењето на правото – не може успешно да се разреши со нормалност што неограничено ја продолжува и ја легитимира состојбата на „ненормална нормалност“, туку само со воведувањето вонредни мерки што неа – нормалноста – ја укинуваат. Исто како и со „спорот за името“: него можеме да го разрешиме само ако сфатиме дека се работи за исклучок од правилото, за простор што е вон владеење на правото и вон нашиот суверенитет. Проблемот е решлив единствено со вонредни мерки што се исто така вон „територијата“ на нашиот суверенитет и уставното право, и претставуваат нивно исклучување, па се токму поради тоа во состојба нив суштински да ги афирмираат и да ги потврдат.
Оваа „филозофија“ – стуткана во аматерска колумна – можеби е тешко разбирлива, но всушност е едноставна „како гравче“: таа објаснува дека решенијата на нашите егзистенцијални проблеми не се – и не може да бидат – во областа на „нормалноста“ што толку упорно ја глумиме, туку во територијата на вонредните состојби во коишто реално се наоѓаме веќе со години.