Претседателот на собраниската Комисија за мандатно имунитетни прашања Павле Богоевски за Плусинфо вели дека во законски предвидениот рок ќе закаже седница на собраниската комисија на која ќе се отвори постапката за одземање на пратеничкиот мандат на осудениот пратеник Никола Груевски.
Богоевски вчера го добил известувањето од Кривичниот суд дека има пресуда за пратеникот Никола Груевски и во рок од две недели се очекува да свика седница на Комисијата со која раководи, како што предвидува собранискиот Деловник.
– Од денеска тече законски предвидениот рок од 15 дена во кој треба да ја свикам седницата на Комисијата за имунитетно мандатни прашања – вели Богоевски без да открива кој ден ќе се случи тоа.
Уставот вели дека мандат на пратеник може да му се одземе со двотретинско мнозинство гласови. Во членот 65 од Уставот се вели дека на пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци.
Откако собраниската комисија ќе одучи дали пратеникот Груевски по пресудата за двегодишна казна во случајот „Тенк“ е „недостоен за вршење на пратеничката функција“ што е еден од условите според собранискиот Деловник за одземање на пратеничкиот мандат, ако има двотретинско мнозинство Собранието ќе го утврди одземањето на мандатот.
Извори од Собранието велат дека, пак, ќе се бие тешка битка за да се обезбеди двотретинско мнозинство за одземање на мандатот на пратеникот Груевски. Во новата пратеничка група што ја предводи пратеничката Елизабета Канческа Милевска во која освен седумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ е и Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија, постои поделеност во однос на прашањето дали ќе гласаат за одземање на мандатот на нивниот поранешен лидер и почесен претседател на партијата од која беа исклучени, откако гласаа за потребата од уставните измени според Договорот со Грција.
Ако се случи тоа, тогаш на местото на Груевски, во Собранието ќе дојде пратеник од листата на коалицијата „За Македонија заедно“, а тој ќе оди на издржување на казната затвор.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI