Иселувањето од Македонија од економски причини заради подобар живот и подобра заработувачка, што се означува и како масовен егзодус на младите, не е нов феномен и всушност има длабоки историски корени. Пошироко гледано, иселувањето на работноспособното население од помладите генерации е процес кој во последните години незапирливо се интензивира во сите балкански земји.
Причините за демографските движења што ги карактеризира забрзана депопулација и „одлив на мозоци“, се предмет на разновидни анализи и толкувања. Деновиве свое видување околу оваа проблематика даде и претседателската кандидатка Силјановска, укажувајќи дека иселувањето на младите од Македонија добива загрижувачки димензии и дека таквиот развој најмногу се должи на „на лошите услови за живот и образование“.
Но, вториот дел од оваа дефиниција се чини останува малку нејасен, бидејќи многумина од младите што ја напуштаат Македонија во својот багаж носат и некаква диплома од завршено високо образование. Токму затоа прашање е дали всушност образованието е еден од примарните проблеми, или пак егзодусот го поттикнуваат пред се лошите и неефикасни валдини политики што не успеваат да создадат услови за отворање нови работни места, за зголемување на најниските плати во регионот, сузбивање на длабоко вкоренетата корупција и раширениот криминоген политички менталитет, како и речиси тоталната партизираност на општеството. Од друга страна, прашање е во колкава мера подобрувањео на условите за образование, во една краткорочна перспектива, би можеле да придонесат за решавање на овие крупни проблеми кои со децении наназад ги задушуваат реформите и прогресот во македонското општество.
Масовното иселеување на младите од Балканот во значен обем се одвива во насока кон ЕУ. Според анилизите на Евростат, старосната структура кај населението во членките на ЕУ покажува дека странските државјани во целина се на помлада возраст од домашното население во одделни земји-членки. Во последните години средната просечна возраст за домашното население во ЕУ-членките изнесува околу 44 години, додека во однос на странските државјани–доселеници на подрачјето на Унијата е на ниво од 36-годишна возраст. Немам никакво сомнение дека мигрантите значајно придонесуваат за подмладување на населението во ЕУ.
И не само тоа. Една нова голема компаративна студија, изготвена од страна на шведскиот Универзитет во Упсала, како дел од поголем европски истражувачки пројект за подвижноста на работната сила, покажува доминантно позитивни државно-финансиски ефекти за земјите што прифаќаат лица кои мигрираат за да работат.
Анилизите сепак покажуваат и дека ефектите се разликуваат меѓу земјите. Пример за поуспешни европски земји во овој контекст се Белгија, Норвешка, Швајцарија и Кипар, каде што е регистрирана најголема финансиска нето-добивка од доселувањето на работноспосбни мигранти, додека Словачка, Полска и Естонија главно бележат само нето-трошоци поврзани со миграциите на работана сила. За големо мнозинство на ЕУ членки, односно за 21-а од вкупно 28 земји, доселувањето овозможило позитивни финансиски ефекти во периодот од 2004 до 2015 година. Тие земји инкасирале повеќе во даночните и други приходи, отколку што потрошиле буџетски средства за придонеси, дотации и други услуги од јавниот сектор за новодојдените мигранти.
Но тоа, значи, не се однесува на сите земји, така што дел од ЕУ-членките – главно земји со ниски приходи во Источна Европа – во кои мигрантите во голем обем имаат тешкотии да се вклопат на пазарот на трудот и неретко запаѓаат во зоната на сивата економија, главно бележат нето-финансиски трошоци врз основ на доселувањето мигранти. Бројките се дадени апроксимативно, така што, според споменатат студија, финансискиот ефект од доселенички домаќинства во ЕУ, во случајот на Швајцарија изнесува околу 1,67 отсто од БДП-то, и 1, 26 отсто во Кипар, додека во балканските и источноевропските земји резултатот е негативен – минус 0,01 во Бугарија, минус 0,05 во Словенија и минус 0,15 во Полска и Естонија. Македонија не е опфатена со студијата, но сосема е јасно дека нема никакви сомневања околу тоа во која група земји би се вбројила во однос на ваквите анализи.
Во овој контекст вреди да се посочи дека неретко се изнесува уверување оти членството во ЕУ ќе го запре иселувањето на младите. Но реалноста ги демантира таквите тврдења. Бројките што го покажуваат иселувањето на жителите на ЕУ во потрага по работа и подобар живот во други земји-членки, е во постојан пораст. На врвот на табелата убедливо се издвојува Романија со речиси 20 проценти од работноспосбното население што ја напуштило земјата. 14 проценти од граѓаните на Хрватска и 12,5 проценти од граѓаните на Бугарија на возраст од 20 до 64 години лани биле регистрирани како жители во други земји-членки на ЕУ.
Засега нема посериозно показатели што укажуваат дека масовното иселеување на млади од Македонија е на добар пат да биде запрено во догледно време. Дури 77 отсто од младите кои живеат во Македонија размислуваат да се иселат, и тоа пред се во земјите членки на ЕУ. Причините за тоа, според истражувањето на Центарот за истражување и креирање политики, ги наоѓаат во лошиот квалитет на живот во земјата.
Можеби причините делумно се наоѓаат и во лошото образование, како што смета Силјановска. Во секој случај, масовниот егзодус на младите и во иднина сигурно ќе се толкува на различни начини и од разни агли на гледање на нештата. Некои од нив секако не заслужуваат посериозно внимание, како, на пример, она „генијално“ сознание на Каракамишева од пред извесно време, дека младите се иселуваат од Македонија поради „невозвратена љубов“(!?).
Економскиот интерес е тој што го диктира темпото на егзодусот. Бидејќи од сиромаштија, бесперспективност и понижувања не бегаат оние кои очекуваат подобар квалитет на образованието во државата, туку пред се оние што не се чувствуваат никако поинаку освен како – аутсајдери на маргините на општествениот развој.