Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) ќе го почитува принципот според кој мандатар на владата ќе биде кандидатот на партијата која на изминатите вонредни избори освои најмногу гласови, а тоа во конкретниов случај е движењето Самоопределување, односно Албин Курти, изјави на прес конференција во Приштина попладнево лидерот Иса Мустафа, по седницата на партиското претседателство.
Мустафа ја најави и средбата на двете партиии на највисоко ниво кога, како што кажа, ќе стане збор за дијалогот со Белград и за уште неколку други прашања.
Лидерот на движењето Самоопределување, Курти, според вчера соопштените конечни резултати од изборите, поединечно освоил најмногу гласови и со тоа ја обезбедил премиерската функција.
Мустафа кажа и дека до сега во преговорите е усогласен поголем дел од програмата на идната влада и додаде дека некои разлики постојат, кога станува збор за економските и социјалните прашања, пренесе Коха .
– Новата влада ќе биде поефикасна и поекономична. Не треба да се занимаваме со прашањата за кои не се согласуваме, иако тие се многу малку – рече Мустафа.