Иранки споделуваат видеа на кои се без вел и покрај заканата од затвор до 10 години

Амнести Интернешнл посочува дека на жените кои не ја покриваат главата им се заканува казна затвор од два месеца и дека спроведувањето на законот на улиците редовно го следи полицијата.

379
ФОТО: EPA / ABEDIN TAHERKENAREH

Ирански жени споделуваат видео снимки на кои се појавуваат без вел, спротиставувајќи им се на законите што ги принудуваат да ја покриваат главата во јавноста за што им се заканува затвор до 10 години, нагласи иранска активистка.

Масих Алинеџад, иранска новинарка која живее во САД, почна во 2014 година кампања на социјални мрежи во која ги повикува жените во Иран да ги објават своите фотографии без исламски превез, што потоа ги објави на својата страница на Фејсбук наречена „Мојата невидлива слобода“.

Таа истакна дека жените продолжиле да испраќаат фотографии и видеа дури и откако Револуционерен суд во Техеран се закани со 10 години затвор за тие снимки.

– Добив серија видеа од Иран денеска. Тие жени се похрабри и поогорчени отколку порано – изјави таа.

Според неа, иранската влада се плаши од жени кои демонстрираат граѓанска непослушност и учествуваат во мирен протест.

Според иранскиот исламски закон, утврден по револуцијата во 1979 година, од жените во јавноста се бара да ги покријат главите, а оние кои не ја почитуваат одредбата се опоменуваат, казнуваат или апсат.

Амнести Интернешнл посочува дека на жените кои не ја покриваат главата им се заканува казна затвор од два месеца и дека спроведувањето на законот на улиците редовно го следи полицијата.

ФОТО: EPA / ABEDIN TAHERKENAREH

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...