Со одбележување на Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, Меѓународната организација за миграции (ИОМ) ја претстави кампањата за подигање на свеста на ранливите заедници за опасностите поврзани со трговијата со луѓе, со посебен фокус на трговијата со луѓе за сексуална и трудова експлоатација и за детски бракови како ризик за појава на трговија со деца.
– Нашата земја се смета за земја на потекло, транзит и крајна дестинација за жртви на трговија со луѓе, а недостигот на свест и информираност во однос на ризиците поврзани со миграција и достапните заштитни мерки помеѓу ранливите категории е сеприсутен – се наведува во соопштението.
Кампањата се спроведува во рамките на проектот „Зајакнување на националните капацитети во областа на азилот, миграциите и трговијата со луѓе“ кој е финансиран од Европската Унија а е имплементиран од Меѓународната организација за миграции во соработка со министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика.
„Целта на оваа кампања е сензибилизирање на широката јавност и медиумите, како и високо-ризичните категории, за ризиците поврзани со миграција, со фокус на трговијата со луѓе и подобрување на свеста за опасностите кои произлегуваат од истите, како и информирање за начини на кој може да се пријави експлоатација и да се побара помош“, соопштува Организацијата.