Џани Инфантино беше реизбран за претседател на Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА) за време на Конгресот во Париз како единствен кандидат. Во својот говор кон претставниците на различните федерации тој ја презеде одговорноста за тоа дека централата била „токсична и речиси криминална“, но веќе се вратила кон своите вредности.
Реизборот на Инфантино беше прифатен со бурни аплаузи од Конгресот, кој претходно во текот на денот усвои закон да нема гласање, ако за позицијата има само еден кандидат. Денешниот случај беше токму таков и по него 49-годишниот адвокат добива нов 4-годишен мандат за реализација на своите идеи. Инфантино е претседател на ФИФА од февруари 2016 година, кога го наследи Сеп Блатер по корупцискиот скандал.
– Веќе никој во ФИФА не зборува за криза, туку за полагање на нови основи од нула. Никој не зборува за скандали или за корупција, туку за фудбал. Можеме да кажеме спокојно дека ги оставивме зад нас овие приказни. Организацијата се претвори од токсична и речиси криминална во она што мора да биде – таква, која го развива фудбалот и е синоним за транспарентност и чест. Денес сè е отворено. Не е можно ФИФА да плаќа под масата или да врши несовесни активности со пари. Веќе нема место за корупција – изјави Инфантино во Париз.
ФОТО: EPA-EFE/Bienvenido Velasco