Интер-ресорската советодавна и консултативна група за еднакви можности изразува сериозна загриженост за сексизамот насочен кон министерката за финансии Нина Ангеловска, изразен во медиумите, социјалните мрежи и јавноста.
– Еклатантен пример за кој најостро регираме е изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на чиј говор дел од јавноста реагира како на забавно ток шоу, заборавајќи дека ваквите сексистички, омаловажувачки и неприфатливи настапи оставаат трага и стигма на примитивно однесување.
Го осудуваме секој сексистички говор и говор на омраза кон жените со кој доаѓаат до израз стереотипите и предрасудите во нашето општество, само затоа што жените се „дрзнале и отстапиле од социјалните родови норми кои ги исклучуваат од процесите на носење одлуки“.
Ги повикуваме медиумите, здруженијата на новинари, Советот на етика во медиумите и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, преку своите реакции најостро да ги осудат ваквите настапи, но и да одат чекор напред – активно да се вклучат во промовирањето на родовата еднаквост.
Ги повикуваме граѓаните и медиумите да ги препознаат и осудат онлајн нападите и сексистичката злоупотреба на социјалните медиуми што влијаат на достоинството на жената.
Истакнуваме, дека родовата еднаквост е од централно значење за заштитата на човековите права, функционирањето на демократијата и доброто владеење, почитувањето на владеењето на правото и промовирањето на благосостојбата за сите. Еднаквото уество на жените во јавниот живот значи отстранување на бариерите за учество, промовирање на нивната улога во јавниот живот наместо потенцирање и зацврстување на нивната улога во домот. Сексистичките изјави, прашањата и коментарите кои се поврзани со нивниот род, а не нивната работа ги демотивираат жените, го повредуваат нивното достоинство и имаат за цел да ги засрамат и осудат само поради тоа што се жени.
Бараме, Министерството за образование и наука и останатите надлежни институции активно да започнат со спроведување на програми за унапредување на родовата еднаквост во образованието, со кои ќе се превенираат сексизамот и дискриминацијата на жените во општеството, а кај младите ќе се изградат позитивни, демократски вредности, се вели во соопштението.