ИНТЕРВЈУ Доц. д-р Горан Димитров: Ракот на грло на матка во Словенија е речиси искоренет, а кај нас умираат и 25-годишни девојки

Една од главните причини е што жените од нашиот регион не прават редовни гинеколошки прегледи. Секоја жена од 21-65 годишна возраст, доколку нема направено контролен преглед и ПАП повеќе од 3 години, ризикот за рак на грлото на матка е многу голем - вели доц. д-р Димитров.

7001
Arhiva

Најмладата пациентка со инвазивен рак на грло на матка е со неполни 23 години, а најмладата со предракова состојба е 16 години, во моето работно искуство – вели за Плусинфо, доц. д-р Горан Димитров, гинеколог на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје и актуелен претседател на Македонското лекарско друштво.

Д-р Димитров, кој раководи и со Здружението за ХПВ на Македонија, неодамна се закити и со признание од Хрватска, каде стана почесен член на нивното Здружение за колпоскопија и цервикална патологија. Тој престојуваше во Загреб кон крајот на јануари, за време на Европската Недела против ракот на грло на матка.

Алармантни се бројките на заболени и починати жени од оваа злокобна болест, која сѐ уште е втора причина за смртност кај жените во Македонија. За само 4 години, од 2012 до 2016 година, од рак на грло на матка умреле 203 жени, а оваа црна бројка секоја година се зголемува за шест отсто. Најмладата девојка која лани починала од рак на матка е на возраст од 25 до 27 години, а дури 30 жени од целата земја во 2017 година не успеале да ја добијат битката со овој карцином.

Д-р Димитров, колку редовно треба да се прави ПАП тестот и зошто е важно да направиме и ХПВ тест (типизација за Хуман папилома вирус)? Кои се опасните типови на ХПВ? 

– Кај жените од 30-65 години потребно е да се направи ХПВ тест на секои 3 години, додека помладите од 30 години треба да се тестираат и со ПАП и со ХПВ тест, според новите клинички упатства. На овој начин, навремено би се утврдило присуството на високоризични ХПВ типови, од кои тип 16 и 18 во дури 72 отсто од случаите предизвикуваат рак на грлото на матката.

Зошто ја губиме битката со ракот на грло на матка и дали барем половина од овие жени можеле да се поштедат од оваа дијагноза доколку редовно оделе на гинеколог?

– Една од главните причини е што жените од нашиот регион не прават редовни гинеколошки прегледи, а со тоа нема континуитет и редовност на ПАП тестови и ХПВ типизација. Секоја жена од 21-65 годишна возраст, доколку нема направено контролен преглед и контролен ПАП повеќе од 3 години, ризикот за настаната болест – рак на грло на матка – е многу голем – вели доц. д-р Димитров.

Европската Недела против ракот на грло на матка неодамна се одбележа во земјите од регионот. Дали таму почна да се намалува бројот на заболени ? 

– Да, последната недела на јануари е недела на борба против ракот на грлото на матката, не само во Европа, туку и во многу други земји во светот. За жал, освен Словенија, речиси сите други земји од регионот, па и пошироко во Југоисточна Европа, се со високи инциденци и морталитет од оваа малигна болест.

Сигурно е дека една од причините за високата смртност е што фрапантно мал број жени, само 15 отсто, се јавуваат на повикот од матичните гинеколози за Пап тестот, кој може да спаси живот, а дури 85 отсто не се одѕиваат. Што кажуваат пациентките кои одамна не направиле Пап тест?

– Одговорот на ова прашање би била втората причина, а тоа е што кај нас нема организиран скрининг за оваа болест и само 15 отсто од жените кои би требало да го направат скринингот, прават редовен ПАП тест. За разлика од тоа, се трошат многу големи финансиски средства за повеќекратен ПАП тест (3-4 пати годишно) кај иста пациентка на терет на државата.

Како е во Хрватска, каде неодамна престојувавте, и како таму ги убедуваат жените помасовно да се јавуваат за Пап тест или ХПВ тест? А како е во Словенија – дали таму е повисока свеста за превенција на оваа болест?

– Во Хрватска постои навика, традиција, да се оди редовно на преглед, исто така, иако сѐ уште во зачеток, организираниот скрининг на рак на грлото на матката, кој функционира на државно ниво, од пред неколку години, е со голема покриеност на населението. Што се однесува на Словенија, таа е со толку ниска инциденца и морталитет, што нејзината успешност доаѓа во ранг на Финска и другите нордиски земји. Освен тоа, вакцинацијата со ХПВ вакцината во овие земји (четиривалентната, а во поново време и деветвалентната) се одвива со голема покриеност.

Во Загреб добивте значајно признание од колегите – станавте почесен член на Здружението за колпоскопија и цервикална патологија на Хрватска. Таму одржавте и предавање на тема: „ХПВ тестот како примарен скрининг и  неговиот инпакт на инциденцата и морталитетот од цервикалниот карцином“. Која е вашата сатисфакција од ова?

Многу сум почестен од колегите од Хрватска што ме прогласија за почесен член на хрватското здружение, во присуство на значајни професионалци во оваа област, од медицината и јавниот живот: специјални пратеници на претседателката на Хрватска и градоначалникот на Загреб, ректорот и проректорот на Католичкото свеучилиште  (Универзитет), директори на клиниките во Загреб, професори и гинеколози-акушери од Хрватска и регионот. Ова е голема сатисфакција за мене, бидејќи ми беше врачено и во присуство на искусни експерти и колеги во областа и тоа не само од Хрватска, туку и од Србија, Словенија и од Босна и Херцеговина, а ми го додели претседателот на хрватското здружение, доц. д-р Дражен Буторац.

Според Вашата професионалната ангажираност на Клиниката за гинекологија и акушерство, претпоставувам дека сте далеку поангажиран и од многумина Ваши колеги и во Хрватска. Колку лекарите во Македонија се, за жал, далеку од нивните примања?

– Основните плати на сите лекари, не само на гинеколози-акушери, се многу над нашите. Една од формите со кои се подобрува социјалната состојба на лекарите во регионот е и дозволата на легален и етички начин да вршат дополнителна дејност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...