ИНТЕРВЈУ Глигоров: На референдумот треба чисто да се праша дали сте „ЗА“ или „ПРОТИВ“

Мислам дека тоа ќе биде позитивно, дека ќе има определен број луѓе, можеби и значителен број кои ќе гласаат „против“, како и да биде формулирано прашањето. Мислам дека е добро чисто да се праша дали сте „за“ или „против“, а не да се кажува ако тоа е услов за ЕУ и НАТО, како да станува збор за некаква си трговија, вели Глигоров.

1464
ФОТО: МИА
ФОТО: МИА

Економските перспективи на Македонија, земјаќи ги предвид регионалните и глобалните текови, параметрите за земјава во најновото, четврто истражување Балкански барометар 2018, кое беше презентирано вчера во Брисел, придобивките од Договорот за Грција за решавање на спорот со името. се дел од темите на кои се осврна Владимир Глигоров, економист од Виенскиот економски институт, во интервјуто за МИА.

Владимир Глигоров е еден од првите критичари на комунистичкиот систем, во 1989 година бил еден од основачите на Демократската партија на Србија. Тој е син на првиот македонски претседател Киро Глигоров, а интервјуто за МИА го даде на маргините на  петтиот годишен состанок на Управниот одбор на Стратегијата за ЈИЕ 2020 во рамки Советот за регионална соработка, што се одржа во Брисел.

Каде се наоѓа Македонија во овој пакет сега на Барометарот?

Интересно е што Балканскиот барометар го мери моменталното расположение, а минатата година  беше многу лоша од економска гледна точка за Македонија, бидејќи поради политичката криза стапката на растот беше нула, инвестициите паднаа, имаше одлив на пари, така што тоа влијаеше, се очекуваше дека ќе влијае на расположенијата и очекувањата. Тоа не се гледа толку на Балкан барометарот, но може да се оцени дека постоеше одредена подготвеност да се плати цената за да се направи политички пресврт. Интересно е што и јавноста и стопанствениците се на мислење дека овие промени се практично неоходни и дека таа цена мора да се плати во другите земји. Има интересна разлика меѓу јавноста и деловните луѓе во однос на очекувањата. Стопанствениците се многу попозитивни, додека јавноста практично и понатаму има лошо мислење за состојбата. Постои разлика и во однос на тоа како се чувствуваат луѓето денеска и какви очекувања имаат деловните луѓе за иднината. Тие очекувања бележат поголем оптимизам кај деловните луѓе, во споредба со перцепциите на јавноста за моменталната состојба. Тоа е интересен феномен од новиот Балкан барометар.

Што и недосига на Македонија во однос на економскиот аспект во овој период?

Македонија е многу мало стопанство, значи за да оди напред мора да има доста голем пристап до надворешните пазари. Од друга страна Македонија нема излез на море и таа не е опкружена со соседство, налик на Шведска и Норвешка, туку со Србија, Албанија, Грција и Бугарија. Грција изминатите десет години беше во тешка криза.

Од оваа појдовна точка треба да се гледа како да се воспостават врски со поразвиените европски земји. Во последно време има зголемување на трговија и на инвестициите со Германија. Во голем дел тука улога игра извозот и тука е надежта за поврзување со овие поразвиени земји. При што не станува збор Македонија да произведува цел еден производ, туку да произведува делови во рамки на соработката со т.н. мултинационални компании, кои собираат разни делови од различни земји за еден конечен производ. Така би требало да функционира Македонија. Во целиот регион има потенцијал за информатичката технологија. Се виде дека Македонија не може како порано да се натпреварува со текстил или примарно производство, тоа сега се работи кои ги вршат многу други земји, посебно во Азија и во Африка. До платите во Македонија не можете да се натпреварувате, но може да бидеме поотворено стопанство, да бидеме вклучени во европската економија, да имаме врски во производството со поголемите компании и да вложуваме во знаење. Само образованата работна сила има смисла.

Во политичка смисла како го оценувате договорот Заев-Ципрас?

Мислам дека договорот е добар за Македонија, а исто така е добар и за Грција. Со него Грција ќе симне една опсесија, која целосно и е непотребна. Од друга страна за Македонија е важно не толку да се каже дека сегашната македонска држава не е држава на цела територија на Македонија, ниту дека може да има претензии, туку дека тоа никогаш не било претензија на оваа македонска држава, дека тоа е македонска држава и по јазик и по народ. Значи не се менува идентитетот на државата, се специфицира територијалната екстензија на државата што е една отстапка, едно разбирање дека тоа го иритира соседството, пред се Грција или Бугарија. Се вели ние сме држава на таа територија, Македонија од античко време е територија колкава толкава. Ние сме тука со јазик, со историја, со култура и со право на држава, ние сме Македонци, тоа е максимум што може да се бара во меѓународни односи. Друго е ако си сам некаде на некоја планета, па можеш сам да одредуваш и да не водиш сметка за никој друг околу себе, тоа е друго, но ако другите се нервозни не е непристојно да се направи таа отстапка.

Како ги коментирате сите опозициски настроени сили и во Грција и во Македонија?

Во Грција има проблем што таму конзервативците кои дојдоа по Папандреу и Симитис им направија големи отстапки на националистите, за да можат да владејат, пред се на одредени пратеници од северот на Грција, така да се создаде една перцепција, очекувања дека и македонскиот идентитет на народот во Макеоднија ќе се менува и дека јазикот нема да се признае. И сега тие очекувања не се исполнети. Јас лично мислам дека на голем број Грци тоа им е ирелевантно, се сомневам дека во Атина има такво мнозинство, но од политичка гледна точка тоа е проблем за конзервативната партија и од гледна точка на многу делови на јавноста кои имаат вложено во тие очекувања ова е проблем. Лично мислам дека за голем број од нив, за мнозинството Грци тоа нема да биде сериозен проблем, но политички тоа е друго прашање. Политички тоа може да биде причина или начин да се урне оваа влада на Ципрас, која и така не  е популарна заради сите економски мерки и работи што ги стори по кризата. Мислам дека за Грција тоа би било големо олеснување, политичко, но прашање е дали нема да има политички интерес и во друга насока. И во Македонија по мое мислење има песимизам, ние сме мали и мора да трпиме, Македонецот е трпелив.

Некои договорот го дефинираат како капитулација, како предавство?

Тоа е бесмислено, нема смисла да се користат такви термини. Станува збор за договор со соседите, како да се живее на мирен начин, а да не се даде ништо од сопствениот идентитет. Називот на државата не е дел од идентитетот. Името беше СРМ, сега е Северна Македонија, претходната беше уставна одреница, оваа е географска. Ќе постои потреба дипломатски да се инстистира, сите да разберат дека ова е географија. Македонија е политика и  култура. Јас мислам дека ЕУ ќе помогне во тоа да ги информира сите дека не постојат северни Македонци, туку само Македонци, бидејќи нема други Македонци и нема друга македонска држава, ова е македонска држава.

Кои се вашите очекувања во однос на референдумското изјаснување на граѓаните?

Мислам дека тоа ќе биде позитивно, дека ќе има определен број луѓе, можеби и значителен број кои ќе гласаат „против“, како и да биде формулирано прашањето. Мислам дека е добро чисто да се праша дали сте „за“ или „против“, а не да се кажува ако тоа е услов за ЕУ и НАТО, како да станува збор за некаква си трговија. Но тука не станува збор за трговија, туку за нормализација на односите и уважување на некои проблеми кои со вас или за вас ги имаа вашите соседи.

Колку оваа ситуација е слична со таа на времето со раздружувањето од Југославија, сега на некаков начин решавање на името апропо референдумските изјаснувања?

Да постоеше такво разбирање за интересите на јавноста во поранешна Југославија, ние ќе останевме во Југославија, Србите да разбереа, Хрватите да разбереа дека без иглед на тоа дали има или нема граници ако сакаш заедно да живееш со други мораш да го почитуваш тоа што им е важно. Имаше некоја идеја дека сувереноста значи дека ти можеш да одлучуваш што сакаш, но ти си суверен во едно меѓународно опкружување. Сувереност значи да имаш одговорност со тие соседи, со кој било во светот, не значи да бидеш некој  кој ќе прави што ќе му падне на памет. Националистите пристапуваат поинаку и во Србија и во Хрватска, ако не сакате со нас ние ќе одредиме колку од територијата ќе биде наша. Тоа беше катастрофа, трагедија, платија сите, Србите најмногу. Ако сакаш да живееш и со Бугари и со Грци и со Срби и со Албанци, однадвор, но и внатре во земјата мораш да ги почитуваш нивните интереси. Ако Грците се чувствуваат непријатно ако ти кажат дека си Македонија географски, дека тоа е проблем за нив. Тие можат да кажат тоа е мала земја, тоа не е никаков проблем за нас, ние сме десет милиони, тие се два милиона, ние сме богати тие се сиромашни, ние сме членки на НАТО тие не се, значи нема некаков иредентизам. Но ако сметаме дека за соседот тоа претставува некаков проблем ќе го решиме, ние имаме претензија кон северниот дел на Македонија, кој моментално територијално го држиме и ќе остане наш и кога станува збор за идентитетот, културата, јазикот, колективните амбиции, интереси, желби, Тоа е Мкедонија. Исто и со Бугарија, таа не сакаше да бидеме Илинденска Македонија, иако од гледна точка на Македонија како нација Илинден е клучен, тоа би бил најадекватниот назив, но тука има има географски аспект кој ги нервира соседите. Но територијално и во меѓународни односи ние сме земја на север од Македонија.

Колку ова ќе послужи како пример, иако веќе се оценува од одредени политичари дека договорот Заев-Ципрас покажува еден  друг одиум за Балканот, дека сепак може да се најде договор и за најтешките прашања и колку сето тоа и дали адекватно го верификува ЕУ во контекст на почетокот на преговорите, на целиот евроатлантски одиум на Македонија?

НАТО е една работа, за ЕУ ова е доста поволно. За ЕУ поголем проблем е Србија и од гледна точка колку договорот може да биде пример за Србија и за Косово тоа е многу позитивно бидејќи Унијата има големи инвестиции и во Косово и во Србија, таму има луѓе, пари. Значи од таа гледна точка договорот е позитивен, но сепак ако ја земеме предвид агендата на ЕУ, тоа не е првата тема, не е ниту петтата, ниту десеттата, но регионално тоа е првостепен пример. За ЕУ тоа е пример, погледнете го спорот на Словенија и Хрватска. Се работи за многу помал проблем и тоа меѓу земји-членки во една иста Унија, дали на море ќе излегуваат вака или онака, но невозможно е да се најде решение, дури и Арбитражниот суд не се почитува. Ова е голем плус од гледа точка на ЕУ, но Балканот за ЕУ моментално не е прв приоритет. Договорот е сигурно позитивен пример и за БиХ, каде ништо не може да се покрене, а ова прашање за ЕУ исто така е важно, Унијата таму има големо присуство, средства. Значи од таа гледа точка Македонија покажа дека е способна да ги почитува другите, да го почитува тоа што им е важно, но исто така и да го сочува тоа што на неа и е важно.

Драган Антоновски

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...