ИНТЕРВЈУ Африм Гаши: Пендаровски е кандидат кој нѐ претставува сите

Стево Пендаровски не е само Македонец, ниту само предложен од СДСМ, дури ни не е само православен. Тој е метафора на еден кандидат кој може да нѐ претстави сите: надпартиски и без етнички и религиски предрасуди, тој е комплетна академска личност и најсеопфатен кандидат во моментот.

1291

Африм Гаши, лидерот на новата партија на македонската политичка сцена, Алтернатива, која произлезе од расколот во Беса, во интервју за Плусинфо, вели дека токму новиот субјект ја претставува суштината и автентичната програмска определба на претходната партија, но сега прочистена и со отворена врата за сите заедници.

Тој открива дека застанале зад Стево Пендаровски, а не зад Блерим Река, бидејќи во него гледаат кандидат кој ги претставува сите граѓани и оти сметаат дека крајно време е најодговорните позиции во државата да ги гледаме од квалитативен, а не само од етнички аспект. Гаши застанува на линијата дека Абдулфета Алими е неправедно осуден за 27 април. Тој не кажува директно дали ќе гласа за одземање на имунитетот на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, ако пресудата стане правосилна, но и во овој случај гледа тенденциозност на судиите.

Господине Гаши по една година докажување со поранешниот сопартиец Билал Касами, за тоа чија е Беса, решивте на конвенција да ја промовирате новата партија Алтернатива. Зошто кренавте раце од битката за Беса, признавате ли пораз?

– Алтернатива е политичко продолжение на поранешниот субјект. Идејата, луѓето, политичките начела, програмата и сѐ што значи еден политички субјект во вистинска смисла на зборот е пренесено во новите бои и новото лого на Алтернатива. За наша среќа, само неколку индивидуи не се тука, а тоа ја прави партијата прочистена и ослободена. Дури и основната идентификација на нашата идеја и тогаш и сега, пренесена преку трите максими А (Автентичен, Автохтон, Автономен), се содржани токму во ова име.

Поаѓајќи од ова ние продолжуваме напред со полна енергија и со многу елан за да придонесеме за доброто на државата и на граѓаните. Бидејќи името кое го произведовме е узурпирано, ние не сакавме повеќе да останеме заложници на судски спорови и на узурпирани називи. Кога имате ново име, ново лого и нови бои, а сѐ што е суштина на партијата ја имате тука, тоа ви дава уште поголема енергија за поавтентично претставување. Затоа нема никаков простор да се чувствуваме поразени. Напротив, во нашите редови има победнички дух и чувство на ослободеност. Од друга страна, скандалозниот судски процес, кој сѐ уште трае, нѐ прави уште поодговорни и посвесни за криминалот и корупцијата кои сѐ уште цутат во одредени сегменти во судството. Тие што овозможија легализација на узурпацијата кога-тогаш ќе одговараат по секоја цена.

На што понудивте Алтернатива, на политиките на Беса или политиките на партиите на Албанците во Македонија?

– Името Алтернатива дојде како резултат на нашиот стремеж за изнаоѓање нов пат. Патникот, кој има една цел, и кога наидува на пречка, тој не се враќа назад, туку бара друг излез за да го продолжи патот. Бидејќи, за нас не е битен патот сам по себе, туку значајна ни е целта. Ние не сме на овој пат само поради патот, туку сме тука поради целта кон која стремиме да ја постигнеме преку тој пат. Со други зборови, за нас не е важна алатката, туку целта.

А новиот пат – кој тежнее кон истата цел – сега се вика АлтернАтивА. Ова е АлтернАтивА во смисла на ново решение. Ова е АлтернАтивА, кој ги зачува трите А на нашиот идеолошки идентитет, што значи дека нашиот политички субјект се заснова врз автохтони вредности, дека овој субјект е со автентична програма и автентично претставување и дека е автономен во одлучување и во креирање на свои политики.

Ова е АлтернАтивА и во смисла на латинските зборови „alter“ – нешто поинаку, нешто друго и „nativa“ – примордијално, индигено, наше, изворно, што сепак се поврзува со нашата автохтоност. Ова е АлтернАтивА и бидејќи на секој јазик и за сите заедници, кои сега имаат отворени врати кај нас, останува иста и нема потреба од превод. И, секако, е АлтернАтивА и како дистанцирање од името што сега асоцира на горчливото минато. За да бидам уште подиректен, сакам да кажам дека овој субјект не претставува веќе само Алтернатива за Албанците во Северна Македонија, туку како опција и пат кој се нуди како алтернатива во државата, пред сѐ, како концепт, а потоа зошто да не и како реална политичка опција.

Иднината на нашата држава се состои во градењето на кохезивни елементи во општеството, а не во раздори, дискриминација, омраза и други видови на негативни и деструктивни елементи. Доста ни е со омраза и раздор, време е да се однесуваме достоинствено, културно, европски и цивилизирано и да изградиме општество каде секој граѓанин ќе има благосостојба, квалитетно образование и квалитетно здравство, како и здрав живот во добра и чиста животна средина – тоа е алтернативата која ние ја нудиме.

Не можеме секогаш нешто да бараме, треба и да даваме

На претседателските избори како дел од Владата застанавте зад Стево Пендаровски. Кои ќе бидат аргументите за вашето гласачко тело да го поддржи Пендаровски, а не кандидатот кој го поддржаа Алијансата и Беса, Блерим Река?

– Како што веќе знаете, на овие избори ние поддржуваме еден заеднички кандидат на повеќе партии и етнички заедници. Така потврдивме дека можеме да преминеме над нашата етничка и политичка граница и да гледаме отаде ваквите ограничувања. Стево Пендаровски не е само Македонец, ниту само предложен од СДСМ, дури ни не е само православен. Тој е метафора на еден кандидат кој може да нѐ претстави сите: надпартиски и без етнички и религиски предрасуди, тој е комплетна академска личност и најсеопфатен кандидат во моментот. Што се однесува до албанската кандидатура, бидејќи сите знаеме дека нема ни теоретски шанси еден Албанец, со народни гласови, да стане претседател на државата и ако знаеме дека опозициските партии ова го прават само за политички калкулации, а од друга страна имаме еден кандидат кој сериозно ги исполнува нашите барања и очекувања, ние сакаме да бидеме искрени со нашите гласачи.

Од друга страна, тоа што го прокламираме преку нашиот политички субјект и со самото име на партијата, сакаме на ваков начин да докажеме и да рефлектираме во таа насока, преку јасни политички дејствија. Ако сакаме да бидеме кохезивни, да работиме на меѓуетничка толеранција, соработка и соживот, не можеме секогаш нешто да бараме, туку треба и да даваме и да докажеме дека тоа што го мислиме и го зборуваме, го потврдуваме и на дело. Крајно време е да почнеме најодговорните позиции во државата да ги гледаме од квалитативен, а не само од етнички аспект.

Во Дебар немате свој кандидат за градоначалник, можна ли е соработка со Алијансата на Зијадин Села, оти Арбен Таравари вели дека се отворени за соработка. Ќе го поддржите нивниот кандидат или владиниот партнер ДУИ?

– Дебар е многу специфичен град и во политичка смисла на зборот. Таму граѓаните се познаваат скоро секој со секого и затоа е многу побитно кој ќе биде кандидат отколку кој од која политичка провиниенција доаѓа. Поради процесот на судската регистрација на партијата ние не бевме во можност да предложиме наш кандидат и затоа ги овластивме нашите сопартијци од нашиот огранок во Дебар да донесат одлука каква што тие мислат дека е најдобра за градот.

Канцерогено судство

Дел партии на Албанците остро реагираа на пресудата од 7 години затвор за Абдулфета Алими за случајот „27 април“. Најавени се протести зад кои веќе застана албанската опозиција. Ќе ја видиме ли и Алтернатива на протестот?

– Алтернатива нема дискутирано за ова прашање во своите органи, но во суштина и ако зборуваме принципиелно, ние се бориме за правда за сите и таа да не биде условена од никакви предиспозиции. Истовремено, не би сакале никој во државата да страда неправедно. За нас г. Алими претставува симбол на човек кој на црниот четврток, значи на 27 април, беше човекот кој спасуваше човечки души и пратеници. Затоа за нас е неприфатливо тој да се поистоветува со насилниците. Тоа, за нас само по себе претставува неправда. Затоа, сакаме постапката да оди до крај, повисоките инстанци на судовите во државата да го имаат предвид овој факт, да ги разгледаат подетално доказите и да одлучат на начин што правдата ќе биде задоволена.

Лидерот на ДПА Мендух Тачи е осуден на три години затвор за предметот „Титаник 2“. Доколку повисоките судови ја потврдат пресудата, како коалициски партнер ќе гласате ли за одземање на имунитетот на Тачи? 

– Во принцип секогаш сме за правдина и секогаш ќе бидеме на страната на правдата, но за жал судовите во нашата држава сѐ уште патат од канцерогеноста во смисла на партизација во судството. Не зборувам во целина, затоа што навистина во државата има прекрасни судии, праведни и професионалци, но неколку исклучоци со нивните постапки повремено го рушат имиџот на судскиот систем и затоа, сите треба да се заложиме и во судството да завладее професионализмот, квалитетот и праведноста и најдобрите судии да напредуваат, додека тие кои се под политички влијанија да се најде начин да се вратат во своите политички партии, а не да ги запоседнуваат судските места во нашето судство. Неколкумина од нив беа вмешани и во нашиот судски спор околу правната легалност на партијата и ние навистина сме убедени дека грубо сме оштетени. Истото го мислиме и за случајот со г. Тачи, дека имало тенденциозност и политички импликации, но верувам дека во повисоките судски инстанци тоа треба да се поправи.

Министерот за култура е најдобриот во Владата

Како функционирате со ДУИ во иста Влада кога претходно жестоко ги критикувавте политиките на Али Ахмети?

– Алтернатива е дел од власта откако се договори со премиерот на државата да помогне во еден многу тежок период, во процесот на постигнување и имплементација на Преспанскиот договор. Што се однесува до нашата критичност во однос на некои политики, ние сме биле и секогаш ќе се трудиме да останеме критични кон сите негативни политики од каде и да доаѓаат тие, па дури ако тоа го прават наши функционери. Не смееме и не е добро да бидеме пристрасни, субјективни и навивачки настроени кон најбитните процеси во државата. Тоа што е добро треба да се потпомогне, а тоа што е негативно и лошо, да се критикува и да се спречи. Тоа е нашиот начин на поимање на политиката. Така ги сфаќаме работите и ние сме убедени дека ваквиот пристап е конструктивен и единствен пат како да се подобрат работите во нашата држава за да им биде подобро на сите граѓани.

Ова е Алтернативата која ја нудиме на политичката сцена во Македонија. Ако граѓаните мислат дека е време за вакво нешто, нека нѐ поддржат и јас сум убеден дека нема никогаш да се покаат. Мора да го кренеме погледот кон иднината и кон идните генерации, за ним да им биде подобро. Мора денес да се трудиме и многу да се жртвуваме, да имаме јасна визија и да работиме искрено и чесно во служба на народот, без разлика на етничка, религиозна, партиска или каква било припадност.

Јавноста се крена на нозе по распределбата на парите во културата. Министерот Асаф Адеми е ваш кадар. Потфрливте ли со изборот?

– Во политиката, за жал, најчесто се суди по перцепција, а не по вистината. И случајот со распределбата на средствата повеќе беше израз на креирање на негативна перцепција отколку што имаше материјални докази во обвинувањата покренати во јавноста. Имаше малку нејаснотии и тие во процесот на жалбените постапки се разјаснија и на крај сѐ си дојде на свое место. Остана само горчината на зборовите кои некои луѓе непромислено ги искажаа, а кои знам дека не се толку достоинствени да признаат грешки и да се извинат.

Затоа повикувам најискрено да бидеме внимателни кога критикуваме и квалификуваме некого со тешки и погрдни зборови, затоа што искажаниот збор е како стрела исфрлена од лак, која никогаш повеќе не се враќа назад.

Кога сме кај министерот за култура Асаф Адеми, тој за мене е најдобар министер во Владата. Работи чесно, законски, не прави никакви разлики во однос на етничка, религиозна, партиска или социјална припадност. Се бори против корупцијата и криминалот, а во тој ресор воспостави ред и дисциплина. Тој е најдобрата метафора на успешен министер во една влада каква што ние ја замислуваме и посакуваме. Да не зборуваме дека тој е единствениот, кој со нула трошоци го води Министерството, со што стана единствен пример во досегашната практика на министерување во нашата држава. Затоа јас се гордеам со него и сакам тој да биде модел за идните министри во владата на Северна Македонија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...