ИНТЕРВЈУ Асаф Адеми: Ќе бидам министер за култура на сите подеднакво

Не сум од тие што зборуваат пред нешто да сработат, затоа ќе се поштедам од големи зборови и ветувања, но тоа што ќе биде лајтмотив на мојата работа е да настојуваме да реализираме што е можно повеќе проекти кои го градат заедничкиот културен идентитет во земјата, вели Адеми.

509

Уметниците и актерите на културниот живот во Македонија, вклучително и Албанците, сакам да бидат уверени дека нема да бидеме неправедни кон никого, независно од политичките убедувања, туку ќе воспоставиме стандарди кои ќе бараме да бидат почитувани од сите, вели новопредложениот министер за култура Асаф Адеми, во интервју за порталот Алмакос.

Деновиве името на Асаф Адеми поттикна голема дебата во јавноста. Пред да се изгласа во Собранието во петок, Алмакос, објави разговор со него, кој ви го пренесуваме.

Кој е Асаф Адеми?

-Нескромно е да се разговара во прво лице за себе. Моето CV е веќе објавено во јавноста и немам ништо да додавам, ниту пак да отстранам. Сум се трудел во животот да останам човек. И покрај тоа што имав работно место што ми создаваше задоволство во повеќе планови, сметам дека обврската да создаваме општи добра е позначајна од личното задоволство. Ова е и клучната причина зошто го прифатив предлогот на претседателот на Движењето БЕСА, г. Африм Гаши, за оваа задача. Ова беше признание за мене, затоа – иако за мене ова е повеќе одговорност отколку привилегија – им се заблагодарувам на органите на Беса за довербата. Посакувам на крај сите да успееме заедно.

Во текот на мојата кариера не сум ги избегнал предизвиците, туку секогаш сум се трудел да се соочам со тоа. На тој начин сум ја прифатил и оваа задача. Времето и делата ќе бидат доказ за нашата посветеност кон оваа задача.

Во јавноста имаше реакции дека со вашето доаѓање на чело на Министерството за култура се девалвира културата во Македонија. Кој е вашиот коментар?

Ги следев тие реакции и најмногу ми е жал за предрасудите, без на навлезам во мотивите за тоа. Не сакам да се занимавам ни со јазикот на тие реакции, ниту со нивната содржина, но сакам да ве уверам дека нема потреба за паника. Јас ќе бидам министер за култура за целокупниот културен живот во Македонија и, во оваа насока, не е важно каков етнички или религиозен идентитет имаат одредени културни проекти, за тие да можат да поминат и да се реализираат. Додека зборуваме за културата, бидејќи културата е духовно творештво, сметам дека треба да се воздигнеме над етничките, политичките и религиозните граници и да мислиме дека тоа треба да биде олицетворението на душата на сите во Македонија. Сигурен сум дека, после одредено време, тие ќе се уверат дека било само предрасуда и забрзале. Јас ќе бидам отворен да комуницирам со сите заинтересирани страни за културата, следствено и со нив, и не гледам никаква пречка да помагаме во унапредување на вистинските културни вредностите во земјата.

Исто така, циркулираа и иронични наслови дека еден градежен инженер ќе раководи со Министерството за култура.

-На албански јазик има една поговорка, која гласи „Секој е роб на кажаниот збор и цар на зборот што не го кажува“.. Иако имам максимална почит кон сите уметници и се надевам ова да го докажам и со работа, сметам дека работа на министерот за култура не е да слика, да пишува поезија или глуми, туку да менаџира со културните активности. А, кога зборуваме за менаџирање и се додека должноста на министерот е политичка, мислам дека нема место за такви квалификации. Не сакам да се послужам со примери, бидејќи не сакам и јас да станам роб но моите зборови, но минатото, не само на Министерството за култура, туку и на другите функции во државата, потврдува дека тие аргументи не држат.

Дали Асаф Адеми има визија за културата во Македонија? Која ќе биде посебноста на вашата работа?

-Не сум од тие што зборуваат пред нешто да сработат, затоа ќе се поштедам од големи зборови и ветувања, но тоа што ќе биде лајтмотив на мојата работа е да настојуваме да реализираме што е можно повеќе проекти кои го градат заедничкиот културен идентитет во земјата, кои не создаваат поделби врз етнички и религиозни основи, кои не дискриминираат, туку зближуваат, кои не исклучуваат, туку се сеопфатни.  Во оваа насока имаме многу да направиме. Вие знаете колкава штета претрпела културата во Македонија во последните десет години – доволна е една прошетка низ Скопје. Затоа не очекува многу работа за да докажеме дека ние сме различни. Културата треба да биде заедничка точка или мост што ги поврзува сите граѓани во земјата. Додека во други проекти граѓаните може да бидат поделени, во културниот живот ја имаме можноста да докажеме дека може да биде и поинаку. Затоа и сме тука. Особено ќе ми биде чест што како член на една немнозинска заедница во Македонија ќе можам да докажеме дека имаме слух за сите во оваа земја и дека не сме прости навивачи за самите себе, туку сме несебични за севкупниот културен интерес во Македонија. Сметам дека Македонија, и како држава, туку и одделните етнички заедници во неа, ја имаат идеалната шанса да промовираат културни вредности, кои ќе бидат модел на интегрираната европска култура. Ние имаме доволно историја, доволно вредности и наследство кои треба да се презентираат во најдобар начин пред светот. Имаме доволно работа…

Што се однесува до албанската култура во Македонија, дали имате нешто што може да го очекуваат Албанците, обожаватели на културата?

-Мислам дека за Албанците во Македонија е од особен интерес да имаат еден Албанец како за министер за култура, кој ќе ја разбира подобро нивната положба. Ова се случува за прв пат после повеќе од десет години. Во меѓувреме знаеме дека само проектот ‘‘Скопје 2014’’ колку ја има етнизирано културата во Македонија и колку ги има оставено Албанците и другите етнички заедници во Македонија во маргини. Бидејќи ја чувствувам оваа дискриминација, ќе се потрудам да бидам праведен кон сите, следствено и кон мојот народ. Уметниците и актерите на културниот живот во Македонија, вклучувајќи ги и Албанците, сакам да бидат уверени дека нема да бидеме неправедни кон никого, независно од политичките убедувања, туку ќе воспоставиме стандарди кои ќе бараме да бидат почитувани од сите за да не дозволуваме проекти низ „мала врата“, туку да се научиме да работиме и да функционираме на институционален начин.

Јас знам каква е состојбата со книгите на албански јазик, на албанската драма, на филмот, на музеите, на уметничките галерии, на домовите за култура, на библиотеките и т.н.. така што ќе се обидам да реализираме проекти кои ќе бидат на корист не само на Албанците, туку и на државата во целина, но – уште еднаш потенцирам – без притоа да ја дискриминираме некоја друга етничка заедница само поради етничката припадност. Ќе бидам министер за култура на сите во Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...