Сметководителната фирма КПМГ соопшти дека нема да го продолжи спонзорството на Pitch@Palace на принцот Ендру, пренесува „Метро“.
Ова се случи по неговото интервју за Би-Би-Си, во кое тој негираше дека имал секс со Вирџинија Робертс, кога имала 17 години.
Во интервјуто тој беше прашан и за своето пријателство со осудениот педофил Џефри Епстејн, кој почина во затвор годинава.
Кралски коментатори го опишаа појавувањето на принцот во ноќните вести како „сообраќајна несреќа“.
Според Financial Times, по интервјуто на принцот, повеќе компании почнале да размислуваат да ги прекинат врските со него.
Pitch@Palace е иницијатива која бара „засилување и забрзување на работата на претприемачите“. Спонзорството на КПМГ заврши во октомври и фирмата одлучи да не го продолжи договорот, според Sky News.
Наводно, фирмата за осигурување Аон исто така сака да се дистанцира од принцот за да си ја зачува репутацијата.
Во интервјуто за Би-Би-Си, принцот негираше дека имал секс со Вирџинија Робертс во Лондон во 2001, бидејќи тој се вратил дома по забава за деца вечерта за која се тврди дека дошло до такво нешто. Тој не се сеќава дека ја сретнал неа.
Принцот беше обвинет дека дава контрадикторни изјави за време на интервјуто.
Робертс тврдеше дека била принудена да има секс со принцот Ендру три пати помеѓу 1999 и 2002 и дека тој бил целиот испотен кога танцувале во ноќен клуб во Лондон во 2001 година. Принцот во интервјуто кажа дека не можел да се поти бидејќи бил „предозиран со адреналин за време на војната на Фолкландс“. Оваа изјава беше коментирана од д-р Хилари Џоунс, која кажа дека е „многу многу скептична“, бидејќи потта не е посредувана од адреналинот.
ФОТО: Би-Би-Си