Интерактивно дружење во ЗОО Скопје – „Аџибадем Систина“  за месецот на мускулни дистрофии

209

Под слоганот „Живот, сила и самостојност“, Клиничката болница „Аџибадем Систина“ по повод месецот на мускулни дистрофии, организираше интерактивно дружење со триесетина деца, кои страдаат од мускулни дистрофии во Зоолошката градина во Скопје.

Преку игри и натпревари кои вклучуваат различни моторни и социјални активности, медицинскиот персонал од педијатриските амбуланти и одделенија при „Аџибадем Систина“ направи актуелна проценка  во телесните и моторните способности на овие  пациенти, кои се од клучна важност при нивното понатамошно следење и третман.  По повод месецот на мускулни дистрофии  во „Аџибадем Систина“ од почетокот на септември се изведуваат и бесплатни прегледи од страна на педијатриски кардиолог, невролог и пулмолог, за лицата кои страдаат од оваа болест.

Во рамки на одбележувањето на месецот со мускулни дистрофии во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се одржа и стручен состанок на кој педијатри од нашата болница преку предавања ги истакнаа основните начела за дијагноза, следење и стандарди за нега  на овие пациенти, укажувајки на  потребата од кардиолошко проследување и навремена терапија. Беше обработена и респираторната функција  како и потребата од респираторна поткрепа од неинвазивна и инвазивна механичка вентилација кај пациенти со вродени мускулни дистрофии.

Мускулните дистрофии се генетски условени хронични прогресивни дегенеративни болести. Се дијагностицираат во детството кога се јавуваат првите симптоми, се следат и третираат мултидисциплинарно од страна на повеќе специјалности со оглед на засегнатоста на повеќе органи и системи. Околку 100 тина пациенти во земјава страдаат од овие ретки болести. Клиничкиот тек на болестите изискува примарно континуиран мониторинг на моторната функција, респираторната функција и состојбата на кардиоваскларниот систем, а во понатамошниот тек има  потреба од евалуација на коскеноскелетен систем, ортопедски, физијатриски,  ендокринолошки, офталмолошки и други проценки. Поради природата на болестите , пациентите имаат потреба од континуирана физикална и работна терапија, потреба од ортопедски помагала, посебна адаптација и поддршка во училишната средина како и придружба и помош од други лица. Ваквата природа на болестите освен медицински третман, бара и вклучување на општествената заедница  во подобрување на секојдневните активности, начинот и квалитетот на живот кај овие пациенти.  Се надеваме дека преку низата активности кои Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ги спроведува во рамки на септември – месецот на мускулни дистрофии, придонесуваме кон зголемување на свесноста на општествената заедница за оваа група болести.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...