Интелектуалци се мобилизираат во тинк – тенк против агресивното малцинство

1649

Институт за одржливо управување Македонија 2.0 е нова тинк – тенк организација  со мисија на едно место да собере интелектуалци со различна политичка и етничка припадност, со единствена цел – демократизација и европеизација на Република Македонија.

Во Македонија се поставени темелите за демократско владеење, но сè уште пред нас има многу работа за да можат македонските граѓани да ги уживаат своите права и слободи по примерот на европските демократии.

Со ваков закучок излегоа интелектуалци и признати експерти за човекови права кои минатата недела учествуваа на првата панел дискусија на новата тинк – тенк организација и тоа Штефан Хабек, меѓународен секретар на Паневропа Австрија, Имер Селмани, поранешен министер за здравство и кандидат за претседател на Македонија, Мирјана Лазарова Трајковска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Кирил Миновски, поранешен министер за финансии, Сашо Клековски, аналитичар, Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари (ЗНМ).

-Главен мотив за формирање на Институтот за одржливо управување Македонија 2.0 беше потребата од општествена мобилизација на сите разумни личности со интегритет, кои поради агресивното малцинство кое се наметнува, се повлекоа на маргините или прифатија автоцензура. На тој начин, оние кои заслужуваат, ги бидува и треба да одлучуваат во општеството ќе најдат форма и мотив да се мобилизираат и да го дадат својот максимум за напредок на државата – вели Петар Богојески, еден од основачите на Институтот за одржливо управување Македонија 2.0.

 Во наредниот период приоритет е, вели Богојески, да се отвори општествена дебата базирана на аргументи, а не на навреди и омаложување.

-Во таа дебата да се вклучат сите заинтересирани и да бидат донесени квалитетни заклучоци и промовирани решенија, со цел Македонија да биде брзо интегрирана во НАТО и ЕУ. Македонија да стане самоодржлива држава, која ќе функционира без меѓународна помош – порачува Богојески.

Новата тинк – тенк организација има неколку цели пред себе – да помогне во градењето на вистински демократски институции во земјава, да ги охрабри граѓаните активно да се вклучат во процесите на градење на демократско и одржливо општество. Евроатлантска интеграција, преку членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ ќе биде исто така една од приритетните задачи на дебатниот клуб на новото здружение на граѓани.

Основачите велат дека обединетата интелектуална сила ќе покрене дебата и за потребата да се направи суштинска поделба помеѓу државата и политичките партии на власт како и поголема демократизација на политичките партии, кои се предуслови за демократско владеење.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...