Кога Борис Трајковски во 1998 година стана претседател напишав дека сега секој може тоа да биде. Кога сегашниов ги демонстрираше своите „капацитети“, напишав дека претседател – не ни треба! Сега, после сè што ни приредува Иванов, сфаќам колку сум бил неправеден кон Трајковски. Зашто тој и покрај својата неукост и политичка несмасност, сфати и се надмина себеси во корист на државата и општото добро. Се обиде и покажа дека функцијата на која се наоѓаше е нешто повеќе и собра храброст да му се спротивстави на својот тогашен шеф Љубчо Георгиевски во неговите намери при конфликтот од 2001, а потоа да го постигне и Рамковниот договор. Со тоа Трајковски се впиша во историјата.
Сегашниов ќе влезе во историјата како сосема негативна личност. И таа оценка се потврдува во континуитет. Комплетно инсталиран од Груевски, тој како политички анонимус за едвај кратко време се претстави како воведничар во најглупавиот (и најштетен) процес во Македонија- антиквизацијата! Промоторот на адапцијата на името и делото на Александар Велики беше совршената поддршка на Фамилијата во спроведувањето и инстутционализацијата на една маестрална кражба која се цени на повеќе стотици милиони евра. Тој застана на чело на антиквизацијата и од неа направи историска бурлеска и го логицираше архитектонскиот панаѓур Скопје 2014. И многу друго. Ако некој мислел дека тука имало некаква идеја , сосема се лаже. Групата која го инсталира имаше само криминални и деструктивни замисли. Тој само помогна во нивната реализација.
Сега, кога проектот пропаѓа, како најеминентен носител на деструкцијата на македонското општествено ткиво, онемоќениот Иванов изигрува навредена стрина и злобно детиште кое вели: „Не ме игравте, е па јас ќе ви ја дупнам топката, па и вие да не можете да играте!“
Бездарник, забарикадиран на Водно, за само неколку часа од приемот на нацрт спогодбата сфатил и изанализирал(!?) дека договорот бил штетен, недостоинствен, поразителен и тој нема да го потпишел. Дали е тоа истиот мисловен процес (пази, мисловен?) како кога ги делеше оние индулгенции за криминалот на Фамилијата?
Неговиот став беше очекуван. Тука нема ништо од државност, државничко однесување, а најмалку од убедување или сознание кое само тој го има. Неговиот став е очајнички, последен обид во земјата да испровоцира метеж (исто како со амнестијата) за во тој метеж да спаси што може, особено да го спаси Груевски кој, каде и да е, ќе се соочи со наплатата на штетите кои ги направи. Иванов е заложник на матните дејствија и проекти на груевизмот. Како Фауст кој си ја продал душата на Мефисто и сега стигнува времето на наплатата.
Џабе му се на Иванов сите оние школи за млади лидери, правено под негово покровителство. Требал тој да посети некоја за да знае дека лидерството е нешто што го имаш или немаш, нешто што ќе го почувствуваш во моментот кога треба да се решиш за тоа што е исправно. Таа доблест актуелниот претседател едноставно ја нема! Личност без сопствен интегритет не може да го брани интегритетот и идентитетот на народот, на земјата, па дури и кога, по сила на несреќни случувања, се наоѓа на нејзино чело. Тој тоа досега го покажал во повеќе наврати.
Лошо ќе биде ако се прифати оној став: „добро де, ајде, ќе го издржиме уште за помалку од една година“. Иванов треба да биде одбележан како деструкција, како парадигма на она зло го ни се случуваше низ овие последни десеттина години. За десет години тој не успеа во ниеден сегмент освен како попречувач на процесите, како интригант кој не враќа назад во некое недефинирано, историски неутврдено, лажно минато. Ако го сфатиме како елементарна историска непогода, дозволуваме да ни се повтори. Тој тоа и го најавува. А тоа не смее да се случи! Особено не во моментот кога имаме прилика за реална историска пресвртница.