Инструктор по јога секоја недела ја минува во штипскиот затвор

Горан Поповски, инструктор по јога и дел од организацијата 'Уметност на живеење–Македонија', веќе неколку години ја спроведува во македонските затвори програмата 'Присон Смарт', која подразбира јога и психолошки вежби за управување со стресот и ресоцијализација и тврди дека со оваа програма и кај најтврдокорните злосторници може да се најде човечка вредност и добрина, а тие во комуникацијата со него да станат како мачиња.

3090

„Затворениците со кои работам за мене не се злосторници, туку само луѓе. Секој има право да згреши во животот и секој заслужува втора шанса, а верувам дека во секој, па дури и во најголемиот злосторник, има нешто добро до кое ние се обидуваме да дојдеме токму со помош на вежбите кои се дел од програмата која е во светот позната како ‘Присон Смарт’.

Програмата за управување со стрес и ресоцијализација која беше воведена од страна на организацијата ‘Арт оф ливинг’ во затворите ширум светот, во македонските затвори пристигна пред повеќе години, а по неколкугодишна пауза, повторно се врати, засега, само во штипскиот затвор, кадешто имаме одлична соработка со директорот и со целиот персонал, а со учесниците на семинарот, затворениците обвинети за најтешки злосторства и сместени во затворениот дел од затворот, сме први другари и тие самите бараат наместо еднаш неделно, во недела, програмата да се спроведува секојдневно“, вели инструкторот Горан Поповски во разговорот за „Плус инфо“.

Со оваа програма Поповски и група волонтери од невладината организација ‘Уметност на живеење-Македонија’, започнале пред околу 10 години. Поповски вели дека никогаш, па дури ни првиот пат кога влегол во затворот, немал предрасуди или пак чувство на страв од евентуални негативни реакции на затворениците.

„Никогаш не сум се плашел од нив, ниту пак сум знаел кој за што издржува затворска казна! Едноставно, јас не ги гледам како затвореници, ниту пак ги осудувам за тоа што го сториле, само се обидувам да им помогнам да научат како да се справат со стресот, со лутината, со анксиозноста, депресијата и вознемиреноста, но и да ги инспирирам да бидат подобри луѓе во иднина, а тие ме прифатија со раширени раце. Веројатно и затоа што сум единственот кој разговара со нив.

Целосно се согласувам со она што го вели еден од учителите на светската организација ‘Арт оф ливинг’ која е и најголема хуманитарна организација во светот, Гурудев Шри Шри Рави Шанкар: ‘Ако луѓето се разболат, ги носиме во болница и им го даваме вистинскиот лек за да им биде подобро. Ако однесувањето на луѓето е болно, ние ги доведуваме во затвор, но забораваме да им дадеме лекови’.

Од исказите на учесниците во програмата, техниките на дишење во најголема мера им помогнале за подобрување на сонот, намалување на стресот, за исчезнување на чувството за безнадежност и враќање на самодовербата да се биде подобар човек во иднина. Затворениците се инспирирани, среќни и мирни, всушност, со мене се како мачиња и никој не би рекол дека се воопшто способни да извршат злостор. Веројатно приодот и тоа што наместо да ги осудуваме и да ги враќаме во минатото, ние работиме на актуелниот момент, на тоа како да го совладаат периодот додека се во затвор, ги поттикнуваме да размислуваат за ресоцијализација, да направат нешто со себе и да го сменат размислувањето.

Во светот оваа програма се финансира од државите, но кај нас не е така. Финансираме самите, како ‘Уметност на живеење’, а инструкторите волонтираат. Сепак, се надевам дека потребата од програмата ќе биде разбрана затоа што затворот како затвор, не решава ништо. По излегувањето, овие луѓе треба да се ресоцијализираат и да направат нешто добро и за себе и за општеството.

Секој семинар кој го држиме тука во неделите, им задаваме по една задача, а една од оние кои мене ми оставија најголем впечаток беше изработката на кукли за дечињата од онкологија и пораките кои притоа затворениците кои се дел од нашата програма, ги напишаа за дечињата. Имаше навистина многу емоции, солзи и искрени желби и совети.

Не залудно, и самите се задоволни од себе па често знаат да кажат: ‘Не сум се чувствувал вака среќно во животот’,“ раскажува Поповски и порачува:

„Кога првпат дојдов во затворот, затворениците штрајкуваа со глад, не сакаа да се избричат и да се избањаат. Верувајте, веќе после првиот час, ме дочекаа други луѓе, избричени, избањати, насмеани. Ова е добра програма и се надевам дека наскоро ќе биде воведена повторно во сите казнено-поправни институции во државава“.

Инаку, Горан Поповски беше прогласен за волонтер на годината во 2011. година, а невладината организација „Уметност на живеење-Македонија“, од тогаш наваму постојано добива награди од областа на филантропијата и волонтеризмот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...