Или, како што вели премиерот за случајот со една „високо позиционирана личност“, и овде некој мора да каже/да утврди дали кај овие високо позиционирани институции во „случајот Охрид“ станува збор за злоупотребеност или инволвираност! И тој некој е токму Владата бидејќи тоа се државни односно нејзини институции. Токму Владата мора да каже дали овие институции, поименично секоја и сите заедно, биле носители на повеќегодишните криминални дејанија во „случајот Охрид“, дали намерно ја вртеле главата на другата страна кога станувало збор за такви дејанија, дали биле директни или само индиректни соучесници, дали во самите институции имало поединци или групи кои укажувале на криминалот … или пак институциите биле злоупотребени, и од кого? Од страна на директорите односно министрите, од некои повисоки инстанци, во кој период (во овие две години, но и порано) и слично.
Ако премиерот односно Владата има таков став во однос на актуелната „високо позиционирана личност“ од областа на правосудството, зошто тоа не би важело и за цел синџир на институции во областа на заштитата на културните и природните реткости? И ова, како што вели премиерот, е коректно да се каже односно не е фер да ги обвинуваме ако не се виновни или ако се злоупотребени. Јавноста очекува токму такви одговори, заедно со оценката – морална но и кривична, ако има – и за општинските структури во Охрид и Струга во изминатиот период во кој што се одвивале главните криминали во Охрид и регионот! Инаку, која е смислата на државата, на системот?
Односно, ако Специјалното јавно обвинителство е рбетот, главниот фактор во одбраната на правдата во државава, или барем важеше за такво, тогаш погоренаведените институции се токму истото во областа на заштитата на природното и културното наследство! Или барем важеа за такви, за такви се основани токму од државата. И едновремено како што власта упатува апел до сите бизнисмени да пријават ако биле рекетирани, ист односно сличен апел мора да се упати и до сите институции и поединци во државава кои имаат информации за криминалите во Охрид!!! Поинаку – не може.