Вработените и студентите на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, УКИМ, денеска пред зградата на Институтот за хемија во пауза помеѓу предавањата, го изразија своето незадоволство од условите за работа и студирање, кои во последниве десетина години, како што велат, стануваат сѐ полоши и го доведуваат во прашање нормалното реализирање на високообразовната и научноистражувачката дејност на Институтот.
На протестот беше упатен апел итно да бидат одобрени барањата за вработување на млади соработници од надлежните министерства за ублажување на катастрофалната состојба со подмладок на Институтот за хемија за да може да се реализира практичната настава. Се бара во буџетот за следната година да бидат предвидени средства за реновирање и опремување на студентските лаборатории, како и средства за реновирање на зградата на Институтот постапно во следните неколку години. Да се предвидат средства за финансирање на научно-истражувачки проекти во кои, покрај средства за работа во лабораторија, ќе биде вклучена и поддршка за млади истражувачи (школарина и стипендија за магистранти и докторанти).
Фото: Факултети