Историјата му дава сила на национализмот. Комисиската дебата околу Гоце Делчев која сега се разви во најшироката јавност, допирајќи ги најчувствителните точки на националната идентификација и историскиот колективен идентитет, се само уште еден пример за груб обид за наметнување трапава уравниловка на историските факти. Слични примери има насекаде во поширокиот европски простор.
Митовите за потеклото, епохите на националната големина и историските трауми функционираат како централни точки во националистичкиот историографски пристап. Но пред десетина години беше направен обид во спротивна насока. Станува збор за германска иницијатива за изработка на учебник со кој ученици од целата ЕУ би учеле за заедничката историја. Оваа идеја ги подели мислењата, а еден таков учебник, кој би функционирал во образованието во сите земји-членки, сè уште не е изработен.
Германскиот предлог веднаш наиде и на остри спротивставувања, меѓу другото од страна на Данска. Беше објаснето дека ниту на државата ниту на ЕУ не може да им биде дозволено да интервенираат во содржината во учебниците. Официјален Копенхаген го соопшти тоа тврдејќи децидно дека прашањето е всушност мошне едноставно. Во Данска министерството за образование по ниеден основ не се занимава со учебници по историја и друг вид образовен материјал. Владата нема никаква одговорност околу тоа, а не постои ни политичка волја да се менува таквата практика.
Студениот прием на кој наиде германскиот предлог беше забележан на повеќе места, а освен данското противење да се дозволи мешање на ЕУ во подготовка на школски учебници, беше констатирано дека веројатно би претставувало невозможна мисија обидот да се постигне согласност меѓу ЕУ-членките како да се опишат историски настани за да бидат прифатливи во образовниот процес на најширок план.
Скептиците се повикаа и на еден претходен сличен проект кој резултирал со издавање на еден заеднички француско-германски учебник по историја, укажувајќи дека е исклучетелно тешко да се постигне согласност во однос на постапката за опишување на историјата. Во спомената книга, која се користи како дополнителна литература во некои основни училишта во Германија и Франција, „само 80 проценти“ е иста содржина и во двете земји. Историчарите, всушност, не нашле начина како да ги доближат ставовите и да се согласат, на пример, околу улогата на САД во Европа, или пак во елаборирањето на историскиот опис на поранешната Источна Германија (ДДР).
Во Шведска, на пример, данскиот крал Кристијан Втори Добриот се нарекува Кристијан Тиранинот, при што официјалната историја негативно ја прикажува неговата улога во освојувачките походи низ Шведска и посебно опсадите на Стокхолм, каде што му се припишува вина за погубувањето на стотина политички противници. Сепак, меѓу историчарите постојат и поинакви толкувања на релевантни историски факти поврзани со споменатиот дански монарх, кои датираат од пред 500 години. Но, прашање е дали овие две скандинавски соседни земји би можеле да постигнат согласност, без да запливаат во водите на комисиски ад хок теоретизирања, околу еден заеднички прифатлив приказ на историското значење на Кристијан Втори и околностите во кои тој владеел како крал на Данска и Норвешка, а подоцна и на Шведска.
Познато е дека со анализата и интерпретацијата на историографските факти во разни периоди делумно е извршено влијание на историските текови. Но, готовноста да се покаже волја за компромис несомнено би била од полза за едно европско самопрепознавање. Целата со презентација на заедничка европска историја во еден учебник пред сè би била во согласност со напорите за јакнење на европски идентитет, односно изгрдаба на заедничка Европа.
Во крајна линија етаблирање на заеднички европски идентитет подразбира и волја за компромис, имајќи предвид дека стремежот кон заеднички идентитет во многу нешта е проследен со амбивалентни, а поретко со неутрални чувства, во добар дел и како дифузна слика за значењето на важни личности и настани во историјата на заедничкиот континент.
Да се биде Европеец, според можните обединувачки критериуми на заеднички идентитет, не значи дека напоредно се укинуваат сите други идентитети на индивидуален план. Идентитетот несомнено се прекршува низ една посложена призма и така ги задржува сите слоеви – јазичен и културолошки, национален и регионален. Процесите на интеграција во Европа се најзначаен пример во светот како старите конфликти може да се пренасочат во нови можности. Историјата на таков начин „станува помалку херојска, но толку многу подобра за обичниот човек“ (Карл Билд).
Всушност, дискусијата околу различните сфаќања на херојската или злосторничка улога на споменатиот дански цар не станува сосема беспредметна, но се релативизира нејзиното значење од аспект на дозирано поттикнување на национална исклучивост во интерпретацијата на историското минато.
Еврокомесарот за проширување Хан во повеќе наврати во последно време изрази мислење дека не би било пожелно земјите-членки да поставуваат нови барања во билатералните спорови и со тоа да го кочат приемот на нови земји членки. А токму Македонија е жртва на таквата политика од страна на соседите Грција и Бугарија кои во изминатите децении одбиваа да прифатат поникаво толување на историјата, на историските вистини и митови во регионот.
Сосема е јасно дека идеите за постигнување согласност околу утврдувањето на историските факти и опишувањето на заедничката историја тешко поминуваат со инстант-решенија за употреба според проценката за извлекување полза од карактерот на дневно-политичкиот миг.
Посебно кога политичарите не можат да се воздржат и да не ги мешаат прстите – во историјата.