Инспекторат: Уставниот суд по 8 години конечно треба да пресече за училиштата во Чаир

Дознаваме дека за оваа иницијатива уставните судии одржале неколку расправи на кои тие биле со поделени мислења. Според дел судии, при преименување на училишта одлуката мора да се носи според Бадентеровиот принцип на гласање и за ова директно се повикуваат на уставниот амандман кој се однесува на јазикот, културата, симболите, националноста.

615

Државниот инспекторат за локална самоуправа осум години чека Уставниот суд да пресече дали за промената на имињата на четирите училишта во скопски Чаир е потребно гласање според Бадентеровиот принцип и со тоа дали преименувањето на „Цветан Димов“ во „Хасан Приштина“, „Јане Сандански“ во „Јашар бег“, „Рајко Жинзифов“ во „Исмаил Ќемали“ и „Никола Вапцаров“ во „Имри Елези“ е законско.

Директорот на инспекторатот Сеад Садикоски за Плусинфо вели дека очекува Уставниот суд конечно да се произнесе за да не се остава простор институциите да се мешаат во надлежноста на судот.

Објавата на Фејсбук на министерот за образование Арбр Адеми дека е завршена процедурата за преименување и на училиштата Рајко Жинзифов“ во „Исмаил Ќемали“ и „Никола Вапцаров“ во „Имри Елези“, предизвика лавина реакции кај политичарите, но и во јавноста, и повторно го отвори прашањето дали за одлуката за промена на имињата на училиштата е потребно двојно гласање.

Садикоски потврдува дека во 2012 година Инспекторатот поднел иницијатива пред Уставниот суд за оцена на законитоста на одлуката на Советот на Општина Чаир за преименување на четирите училишта.

– Инспекторатот не е известен, но имаме сознанија дека Уставниот суд веќе се произнел за две од четирите училишта. Доаѓаме во ситуација да се менуваат имиња на училишта, но Инспекторатот сѐ уште не добил одлука од Уставниот суд. Уставниот суд пред извесен период го контактираше Инспекторатот и нѐ праша дали остануваме на иницијативата од 2012 година. Одговоривме дека очекуваме Уставниот суд по 8 години конечно да се произнесе за да не се остава простор институциите да се мешаат во надлежноста на судот и самите да ја толкуваат одлуката дали е законска – вели Садикоски.

Инспекторатот за локална самоуправа врши надзор само на законитоста на прописите кои ги носат советите на општините. Тој нема надлежност во делот дали одредени одлуки треба да се носат според Бадентеровиот принцип на гласање, односно со двојно гласање.

Од Уставниот суд велат дека за предметот од 2012 година за училиштата во Чаир судот не одлучувал и дека постапката е во тек.

Дознаваме дека за оваа иницијатива уставните судии одржале неколку расправи на кои тие биле со поделени мислења. Според дел судии, при преименување на училишта одлуката мора да се носи според Бадентеровиот принцип на гласање и за ова директно се повикуваат на уставниот амандман кој се однесува на јазикот, културата, симболите, националноста.

Ставот на тие судии е дека без оглед коклу и да станува збор за чувствително прашање Уставниот суд мора да се произнесе и да ја расчисти дилемата.

Поранешниот директор на Инспекторатот за локална самоуправа Ванчо Шехтански за Плусинфо вели дека останува на ставот дека преименувањата се извршени незаконски, односно дека било потребно двојно гласање.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, откако вчера изјави дека преименувањата се незаконски, денеска се пишмани и повикувајќи се на членот 26 од Законот за основно образование, преку Фејсбук соопшти дека промената на имињата е законска.

„Откако училишниот одбор донел одлука за измена на Статутот на училиштето со што се менува името на училиштето и се додава уставното име на државата, истата била потврдена и од страна на Советот на Општина Чаир. Баденетерово мнозинство не било неопходно“, напиша Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на новинарско прашање за промената на имињата на училиштата изјави дека не може за Mинистерството за образование имињата на училиштата да се поважни од условите за настава и состојбата на објектот.

– Ако во нашиот образовен процес имињата на училиштата се суштински, а не квалитетот на наставата, тогаш ние живееме во едни други времиња. Јас повеќе би сакал тие училишта да се полни со ученици, да има внатре повеќе надгледни и образовни средства, отколку пред избори да го слушаме Заев како се препелка, те вака било, те така било. А, од трета страна да гледаме дека во Тетово гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, сѐ уште учениците учат во субстандардни услови – рече Мицкоски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...