Инклузивни паметни училници и лифткар дел од ОУ „Крсте Мисирков“ од Куманово

Проектот, е финансиран од страна на Швајцарска амбасада и Министерство за локална самоуправа.

79

Инклузивни паметни училници таканаречени У-смарт и лифткар за пристап на лица со инвалидитет по скали доби основното училиште  „Крсте Мисирков“ во Куманово. Во училиштето се инвестирани 2.097.820 денари како дел од проект на Центарот за развој на Североисточниот плански регион

Проектот, како што соопштија од Министерството за локална самоуправа, е финансиран од страна на Швајцарска амбасада и Министерство за локална самоуправа.

– Фокусот на проектот Инклузивни паметни училници е подобрување на образованието и социјалната инклузија, или поточно создавање вештини и еднакви можности за користење на иновативни софтверски алатки и информатичко компјутерска технологија во основното образование преку виртуелна технологија – рече на отворањето амбасадорката на Швајцарија во  земјава Сибил Сутер Техада.

Примарна цел на проектот е создавање на вештини кај учениците за креативно размислување преку користење на паметни екрани со едукативни апликации збогатени со 3Д реалност.

Истовремено, преку овој проект целосно се интегрираат над 40 ученици со посебни образовни потреби во редовната настава и им се обезбедува еднаква можност за пристап до секоја инклузивна паметна училница.

–  Во рамките на овој грант, фокусот е ставен на иновативната димензија на проектите. Проектните идеи беа идентификувани на партиципативен начин со активно учество на претставниците од невладиниот, образовниот и бизнис секторот.  Ние и понатаму ќе се грижиме за граѓаните согласно политиките на министерството на локална самоуправа – изјави министерот за локална самоуправа – Горан Милевски.

Според него вкупниот фонд за шемата за поддршка на иновативни проекти за 2019 година изнесува 311.841 швајцарски франци. Секој од осумте плански региони имаше можност да аплицира со проект во вкупна вредност од 38.980 франци.

– Преку инклузивните паметни училници ќе се интегрираат учениците со посебните образовни потреби во редовната настава и ќе имаат еднаква можност да пристапат до секоја паметна инклузивна училница – вели директорот Александар Јовановиќ.

Набавка на новата технологија би била вклучена во наставниот процес, во основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“ кои делат заеднички простории.
– Со овој Проект, поставени се паметни екрани во 46 училници каде посетуваат настава над 2000 ученици. Се надевам дека преку овој Проект ќе бидеме достоен пример на сите образовно воспитни установи за тоа како треба во иднина да ја реализираат наставата – изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитријевски.

Годинава, Швајцарска амбасада и Министерство за локална самоуправа финансираа 16 проекти со вкупен буџет од 1.154.000 швајцарски франци со цел поттикнување на одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...