Собраниската Комисија за политички систем денеска во 11 часот ќе одржи седница на која на дневен ред е граѓанската иницијатива за собирање потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување на задолжителен референдум на државно ниво на целата територија на Република Македонија, преку овластениот предлагач Тодор Петров, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес.
Според Петров, предлогот за собирање 150.000 потписи е единствениот правен инструмент што го дозволува Уставот, а со чија реализација може да се суспендира Спогодбата со Грција и измените на Уставот, државата да си го сочува уставното име, но и идентитетот на нацијата. Тој во изјава за Плусинфо истакна дека одлуката на овој референдум е задолжителна, за разлика од консултативниот на 30 септември.
Референдумското прашање гласи: „Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија?“ на кое што граѓаните треба да одговорат дали се „за“ или „против“.
– Прашањето е прецизно формулирано и недвосмислено, за разлика од референдумското прашање на 30 септември – вели Петров, кој е оптимист дека иницијативата ќе добие поддршка од 150.000 граѓани, ако се имаат предвид резултатите од, како што вели, „неуспешниот референдум на кој бојкотираа речиси две третини 1.139.992 или 63,11 отсто, од вкупниот број запишани избирачи (1.806.336)“.
Иницијативата за задолжителен референдум за името е поддржана од Движењето „Бојкотирам“.