Иницијативата за една изборна единица ќе се преточи во закон

455
pratenici i zaev

Иницијативата за промена на изборниот модел со една изборна единица наместо со сегашните шест, зад која застанаа 15 пратеници, во најскоро време ќе поднесе закон за измени на Изборното законодавство во кој ќе се имплементира нивното барање за кое имаат поддршка и од владејачката СДСМ. Предлагаат отворените листи што ги иницираат да се воведат од следните локални избори, со еднаква родова застапеност, односно по 50 проценти мажи и жени.

– Иницијативата за една изборна единица останува на барањето за вклучување во преговорите за изборниот модел и законик воопшто. Едногласни сме за поддршката на една изборна единица како модел и согласни сме дека нема да гласаме за Изборниот законик без внесување на овој модел – изјави Лилјана Поповска од ДОМ, која е меѓу 15-те пратеници што стојат зад иницијативата, која денеска организираше тркалезна маса за промени во изборниот модел.

На тркалезната маса учествуваа иницијаторите, претставници на поголемиот дел од малите политички партии и независни пратеници, претставници на канцелариите на ОБСЕ – ОДИХР, Европската комисија, а беа поканети и лидерите на најголемите партии вкулучени во промените на изборното законодавство, од кои присуствуваше само премиерот Зоран Заев.

Тој ги охрабри иницијаторите да го отворат Изборното законодавство најавувајќи поддршка и од неговата матична партија која, како што вели, не е едногласна за ова прашање, но за мнозинството тоа е прифатливо. Прифатлив е изборен модел со една изборна единица, но не се подготвени и за воведување отворени листи кои како и иницијаторите предлага да бидат можност на локалните избори во 2021 година, со застапеност од по 50 проценти на жените и мажите на листите.

-Една изборна единица е посериозен исчекор отколку самите отворени листи, а двете заедно тешко може да се спроведат односно да донесат нова неправда. Тоа значи листа од 120 кандидати за пратеници во која граѓаните ќе треба да го пронајдат кандидатот.тоа буквално е чаршав во којшто луѓето теба да го најдат нивниот кандидат. Ако се направи наеднаш е проблематично. Вториот дел на проблемот е тоа што веројатно акумулацијата на гласови ќе дојде кај кандидатите од поголемите средини. Тогаш Скопје,Струмица, Куманово, Тетово, Битола, ќе имаат над 90 проценти од пратениците, а помалите градови и руралните средини ќе немаат можност да го истакнат својот кандидат. Во прашање е прагматизмот, но убаво е можност отворените листи првпат да бидат на локалните избори во 2021 година – изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по тркалезната мса.

Според Заев, со промена на моделот во една изборна единица добива демократијата иако, како што вели, најмногу ќе изгубат највисоко рангираните партии. Факт е, посочи премиерот на дебатата, дека со сегашниот изборен модел помалите партии губат десетина пратенички места и тие одат на контото претежно на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, а мал дел на ДУИ.

Опцијата за коалициски настап, рече премиерот, секогаш останува и во една изборна единица. Тоа е опција на поголемите и на помалите партии, но сега имате избор – ниту поголемите да велат дека помалите бараат многу или пак тие да велат дека не ми се дава ништо, а имаат гласови. Т

Потенцирајќи дека се многу значајни легитимитетот и тежината на избраните пратеници, премиерот оцени дека сегашниот модел е ризик за создавање автократско однесување во државата.

Тој се надева дека останатите политички партии ќе ја следат определбата на мнозинството во СДСМ за една изборна единица. Во тој контекст апелираше албанските политички партии да не се откажат од своите традиционални гласачи во велешкиот, струмичкиот и во другите региони, не само од албанското, туку и од македонското гласачко тело.

Според независниот пратеник од Ферих Мухиќ, кој е еден од подносителите на иницијативата, два милиона луѓе многу подобро би можеле да ја изразат својата волја преку еден изборен модел. ДОМ, како што рече претседателката Маја Морачанин, смета дека со еден изборен модел ќе има подобро претставување на граѓаните во Парламентот. Ќе нема потреба од големи предизборни коалиции, а изборот на пратениците нема да биде воден од најтесното партиско раководство, туку од граѓаните, посочи Морачанин.

Даниела Рангелова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара веднаш да се отвори Изборниот законик и да се одлучува во Собранието, доколку, како што рече, денешмѓната дебата не е само фарса. Граѓаните се изморија од двопартискиот систем, забележа Рангелова, потенцирајќи дека не се согласува со ставот за монзински модел на нејзината матична партија од каде како што рече, за жал, нема претставник на тркалезната маса.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...