Oткако се соочи со проблемот на обезбедување високостручна и образована работна рака, бизнисот сега бара државата да инвестира повеќе пари во образованието. За почеток таргет е просекот кој се издвојува во земјите членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), кој е за 25 отсто повисок од македонскиот во последните години.
Моментално во образованието земјава инвестира 3,7 отсто од домашниот бруто производ (БДП), а според барањето на бизнисот тоа треба да се искачи на 5 отсто или да се зголеми за 50 отсто со што би се стигнал просекот во земјите од ОЕЦД каде што тој просек е 5 отсто од БДП.
Тоа, како што рекоа денеска на прес-конференција во Стопанската комора, ќе значи подобрување на условите за учење и работа во образованието, повисок стандард на наставниците, учениците и студентите, и побрза реформа.
– Доколку државата сака да има квалитетно образование кое ќе испорачува стручни и квалитетни кадри мора да ги зголеми инвестициите во образованието. Со повеќе пари за овој сектор ќе се одвојуваат повеќе пари по ученик, ќе се инвестира повеќе во условите за подобрување на образовниот процес и ќе се зголемат платите на наставниците како најодговорни за создавање образован и стручен кадар што може да повлече економски развој и раст на државата – рече Наташа Јаневска од Стопанската комора.
Податоците на Комората се дека пред 2016 година за образованието се трошеле повеќе пари од БДП, а споредбите со земјите од ОЕЦД се поразувачки.
– Од 2011 до 2016 година трошоците за образование во државата како процент од БДП се намалени од 4,6 отсто на 3,7 отсто. Споредено со земјите од ОЕЦД тоа е за 25 отсто помалку. Во Словенија, на пример, се одвојува 4,3 отсто од БДП, додека, пак, во Финска 5,7 отсто од БДП оди за образованието – појасни Јаневска.
Соодветно на финансирањето во образованието мали се и инвестициите по ученик.
– Во основното образование трошоците по ученик лани изнесуваа 995 долари, во средното 1.355, а во високото образование 1.198 долари. Просекот во земјите членки на ОЕЦД изнесува 8.500 долари во основното, 10.100 долари во средното и 15.500 долари по ученик во високото образование – информира Јаневска.
Од Комората забележуваат дека покрај условите за работа и можноста за кариерен развој и платата влијае врз привлекувањето на најдобрите наставници во професијата. И на ова поле земјава е далеку од просекот во ОЕЦД.
– Лани, според официјалните податоци, реалната нето плата во основното образование изнесувала 394 долари, во средното 445 долари, а во високото образование 626 долари. Во ОЕЦД наставниците во основно образование просечно земаат по 3.075 долари, додека во средното просекот е 3.384 долари – рече Јаневска.
Од Стопанската комора велат дека поголемите зафаќања од буџетот за образованието во иднина би значеле и полесно реформирање на образованието, воведување на дуалното образование, како и промена на уписната политика во средното и во високото образование.