Имплементација на барањата од „Белата книга“- клучен приоритет на Советот на странските инвеститори

Резултатот ќе се види во Позицискиот документ за реалната состојба (Reality Check Position Paper) што го подготвуваат работните групи при Советот на странски инвеститори и согласно добиените резултати ќе се оцени напредокот во унапредувањето на деловната клима, следејќи го спроведувањето на иницијативите, барањата и препораките од целосно или делумно исполнети до нереализирани.

373

Во услови на функционирање на техничка Влада и распуштено Собрание, бизнисот не може да стои во место. Особено е забележлива интензивната активност на странските инвеститори во земјава, кои се обидуваат на сите можни начини да ни покажат дека пред или по избори, со или без Влада, бизнисот функционира и не може да престане со своите активности. Тие се фокусирани кон исполнување на своите бизнис-планови и очекуваат исполнување на нивните барања и иницијативи, кои во вид на предлози и препораки се преточени во „Белата книга“ на Советот на странските инвеститори.

Последното издание на оваа публикација се објави во декември 2018 година. Препораките за подобро деловно опкружување и подобрување на условите за водење бизнис во земјава се императив и за странските и за домашните компании, а секако дека би требало да бидат клучен приоритет и за креаторите на економските политики, сегашни и идни, кои и да се.

Сепак, со оглед на политичките случувања во изминатиот период и приоритетите на владата на надворешно-политички план изостана реален напредок и конкретна реализација на барањата на странските инвеститори за унапредување на бизнис-климата. Но, со оглед дека од објавувањето на последното издание на „Белата книга“ е поминат доволен период за да се добие реална слика што е постигнато на економски план и колку се подобрени условите за водење бизнис во земјава, странските инвеститори преку Советот на странски инвеститори започнаа активност за проверка на реализацијата на нивните барања, иницијативи и препораки нотирани во „Белата книга“.

Резултатот ќе се види во Позицискиот документ за реалната состојба (Reality Check Position Paper) што го подготвуваат работните групи при Советот на странски инвеститори и согласно добиените резултати ќе се оцени напредокот во унапредувањето на деловната клима, следејќи го спроведувањето на иницијативите, барањата и препораките од целосно или делумно исполнети до нереализирани.

Трите работни групи во рамки на Советот на странските инвеститори ќе работат на мониторирање на имплементацијата на објавените препораки во следните области:

  •  даноци и финансии;
  •  административно-правни работи, човечки ресурси;
  •  безбедност и здравје при работа и заштита на животната средина.

Позицискиот документ за реалната состојба на имплементација на барањата и препораките од „Белата книга“ на Советот на странските инвеститори е второ вакво издание, чија намена е да ги потсети носителите на државната власт за препораките од најновата „Бела книга“ и да се оцени статусот на нивното спроведување.

Во насока на поефикасна реализација на иницијативите и препораките од „Белата книга“ за создавање подобро деловно опкружување и подобрување на условите за водење бизнис, во изминатиот период Советот на странски инвеститори ги интензивира средбите со носителите на државната власт на коишто беа презентирани динамичниот план за нивна постепена реализација, како и најважните приоритети за кои побара конкретни резултати од носителите на државната власт во најбрз можен рок и тоа:

• структурни реформи во системот на формалното образование;
• учество на најрепрезентативните претставници на бизнис-заедницата во Економско-социјалниот совет;
• консултација со деловната заедница, при подготовка на регулативата од значење за бизнисот;
• спречување на корупцијата и неформалната економија, како и
• реализација на иницијативите во делот на даночната политика.

Врз основа на направените пресеци и анализи на надлежните државни институции за остварување на барањата од „Белата книга“, кои покажуваат дека се реализирани над десетина проценти од барањата, а околу 62% се во процес на реализација, можеме да очекуваме дека постои високо ниво на свесност за потребата да се унапреди бизнис-климата и секако, да се земат предвид посочените барања и препораки на странските инвеститори во земјава, кои одат во таа насока. Дали навистина е така, ќе видиме при крајот на годината, кога е планирано и одржување на Конференцијата „Reality Check“ каде што ќе се презентира напредокот во спроведувањето на препораките дадени во „Белата книга“ и ќе се види колку и државата придонела кон ефикасно спроведување на мерките и активностите кои се препорачани од странските инвеститори, во насока на создавање стабилни и предвидливи услови за водење бизнис.

(Авторката е  главен советник на УО на Стопанската комора на Македонија за правни прашања)

ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...