Имплементацијата на прописите како индикатор за владеење на правото

651

Принципот на законитост (легалитет) е еден од битните елементи кои го определуваат степенот на владеење на правото во една држава. Согласно Листата за проверка на Венецијанската комисија, според која може да се утврди колку владеењето на правото, како врвна вредност се почитува во една земја, легалитетот има приоритетно значење. Сфатен во најширока смисла, принципот на легалитет опфаќа 8 индикатори, кои се однесуваат на почитување на законите, усогласеноста со закон, односот меѓу меѓународното и домашното право, учеството на извршната власт во процесот на подготовка на законската регулатива, постапката за донесување на законите, исклучоците уредени со закон за постапување во вонредни ситуации, имплементацијата на законите и јавните овластувања на приватните субјекти.

Должност за спроведување на законот

  1. Дали се анализирани пречките за примената на законот пред и по неговото донесување? Да, 1
  2. Дали постојат ефикасни лекови против неисполнување на законодавството? Не, 0
  3. Дали се предвидени јасни и специфични санкции за непочитување на законот? Не, 0
  4. Дали постои цврст и кохерентен систем на спроведување на законот од страна на јавните власти за спроведување на овие санкции? Не, 0
  5. Дали овие санкции се применуваат доследно? /, 0

Анализата на Стопанската комора на Македонија покажа дека исполнетоста  на условите за владеење на правото согласно индикаторот должност за имплементација на регулативата изнесува 20%.

Овој индикатор има за цел да одговори на прашањето кои мерки се преземаат за да се обезбеди дека јавните власти ефикасно го спроведуваат законот. Согласно член 91 став 1 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување. Сепак, не се предвидени посебни санкции за да се обезбеди ефикасно спроведување на законските акти, освен моралната и политичката одговорност и одговорноста пред Собранието.

Основен услов за владеењето на правото е соодветна имплементација на донесените прописи, од причина што колку и да се добри законите, тие ќе останат „мртво слово на хартија“ доколку правилно и во целост не се имплементираат во праксата. Ова особено значи дека државните органи мора ефикасно да ги спроведуваат законите. Самата суштина на владеењето на правото ќе биде доведена во прашање ако регулативата постои сама за себе.

Бизнис-заедницата постојано укажува дека претераната регулација претставува проблем, особено во подрачја каде што тоа навистина не е потребно, но уште поголем проблем претставува постоењето на прописи кои не се почитуваат и применуваат соодветно во практиката. Пречките за ефективно спроведување на законот можат да се појават не само како противзаконско или несовесно постапување на властите, туку и затоа што квалитетот на законодавството го отежнува спроведувањето. Затоа, проценката дали законот е применлив во пракса пред да се донесе, како и проверката дали тој е ефективно применет, е многу важно. Ова значи дека ex ante и ex post законодавната проценка за ефикасни законодавни решенија треба да се изврши при решавање на прашањето за владеењето на правото. Правилното спроведување на законите, исто така, може да биде попречено од отсуство на доволно санкции, како и од недоволно или селективно спроведување на соодветните санкции.

Сите наведени недостатоци, повеќе или помалку, се сретнуваат и во нашиот правен систем, поради што како еден од горливите проблеми, кои го доведуваат во прашање и владеењето на правото, е токму проблемот на доследна имплементација на законите. Притоа, особено загрижувачки е фактот што сите аномалии кои претставуваат пречка за натамошен економски напредок, од типот на корупција, сива економија, дискрециони овластувања, спора администрација, пробив на законските рокови, фаворизирање или дискриминација по разни основи, долги судски постапки, одлагања на судски рочишта и слично, се токму причина или последица на несоодветната имплементација на прописите во практиката.

Имајќи ги предвид податоците од анализата на Стопанската комора на Македонија во врска со исполнетоста на условите за владеење на правото за секој одделен индикатор кој претставува составен елемент од категоријата „Легалитет“ може да се констатира дека средната вредност за самата категорија, во однос на исполнетоста на условите за владеење на правото во државата изнесува 72%. Од приказот може да се види дека најслаба точка е имплементацијата на законите во практиката, по што следува усогласеноста со закон, односно случаите на постапување на јавните власти без правен основ или кога постојат дилеми околу нивното постапување, додека пак повисок процент на исполнетост на условите за владеење на правото има во однос на процесот на подготовка на законите и учеството на извршната власт во овој процес, правната регулираност за постапување во вонредни ситуации, како и контролата јавните овластувања на приватните субјекти.

Иако почитувањето на законите и нивната имплементација се меѓусебно поврзани индикатори, сепак во однос на контролните прашања на Венецијанската комисија постојат точно определени разлики, кои кај почитувањето на законите подразбираат системска правна уреденост на ова прашање, која согласно направената анализа, е на повисоко ниво, за разлика од фактичката примена на она што е уредено со закон, каде што имаме слаба реализација.

Врз основа на наведеното може да се констатира дека правната рамка за владеење на правото во државата е на високо ниво, но потребни се напори поврзани со имплементацијата на прописите во практиката, бидејќи должноста за почитување и имплементација на прописите подразбира почитување од страна на поединците на кои се однесува, почитување од страна на државата, и должност на државните службеници и функционери да постапуваат во рамките на нивните овластувања, без било какви импровизации.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...