Еве и г-дин Героски отворено повикува на прекин на молкот – овојпат во рамките на неговата професија – а во врска со повторното појавување во јавноста на оној шишевиднион провинцијалец кој себеси ужива да се гледа како некаков дипломат, па господин, па (екс)сопственик на една македонска новинска „империја“ (како што, мислам прилично несмасно, Героски ја нарекува онаа збирштина од три националистички квазивесници!), па дури и самоумислен генсек на ОН. Повикот (барем) на Героски не е негов ни прв ниту, се надевам, ќе биде последен, и не само за состојбите во македонското новинарство. И токму „одговорот“ на оној шишеглавион дека „Ќе кажеме се’ кога ќе дојде време“ е типичниот македонски малограѓанско – лузерски „алиби“ што го слушаме, еве, речиси цела година откако почнаа барабите да дефилираат пред македонските судови. Но тоа е показ на уште нешто (не само) македонско: дека ни парите, ниту пеперушките или свилените кравати врзани околу шиите на барабите од нив чинат современи, модерни европски граѓани. Уште помалку – политичари. Не. Гледате како бел ден дека тоа се простаци кои кога не се на власт немаат смелост да кажат ни два сериозни збора, дека низ подрумите на моќта научиле две-три финти како да „се вадат“ во јавноста и да глумат недопирливи. Што, се надеваме, бргу ќе им преседне!
Иако, всушност, ние не знаеме дали они навистина и го мислам тоа што (не) го говарат зашто цел живот лажеле. А зинат – лага до лага. Ама не знаеме ни дали навистина се надеваат дека некогаш, во блиска или подалечна иднина, ќе дојде тоа некое ново, повторно нивно време и кога и како тоа ќе се случи?! И дали воопшто е можно такво нешто да се случи односно земјава уште еднаш да се соочува со својот пекол? А можно е, можеби не со истиве бараби, но нам бараби, барем политички, а и секакви други, никогаш не ни недостасувале. Та гледајте ја и кутра Унгарија што и’ се случува, а онаа нивна бараба уште се кочопери во Европскиот парламент. Ама тоа е тој ков луѓе-нелуѓе кои се’ би дале за моќ, власт и пари! Дури и систематски би ја уништувале сопствената земја и би ја изложиле на потсмев пред светот, како што тоа впрочем го направија нашиве бараби. Затоа, таа македонска и МПМ-овска „империја“ беше империја на стаклени и башибозучки нозе, во очекување да се урне веќе од самиот почеток. Одбројувањето им почна уште кога дојдоа на власт зашто им се виде калибарот, и умот. Ама другите не го видоа! Или – го видоа, ама молчеа? Да, и тоа е конечната верзија на македонскиот историски пораз, на потсмевот на македонската „демократија“ – која што, патем, како и „империјата“, секогаш била насадена на стаклени нозе – и на крахот на сите македонски политички „елити“.
Но, токму во таа насока и треба да се гледа и овој повик на Героски кон неговата настојчиво молчалива „фела“ (иако, некако, и’ годи кога ќе и’ кажат „сила“, ама тој назив треба и да се оправда!), но и не само кон нив. Зашто, како што претходно бев напишал, закон на физиката е дека празиот простор некој ќе го пополни, молкот на македонската интелигенција ќе го пополни гласот на барабите со сите можни оправдувања, „аргументи“, „алибија“, измислици за нивното време и владеење, како што впрочем гледаме и слушаме секој божји ден нивни приказни низ судовите за нивната невиност, за нивниот придонес во изградбата на општеството и слични будалаштини. Затоа и онаа будалетинка сега ќе пишува некакви „мемоари“, та дури и ќе жали што не стана „познат писател“! А како тоа се станува – познат писател? Со партиски декрет, како што „познати“, „признати“ и наградувани станаа стотици негови сопартијци само благодарејќи на партиската книшка и слугувањето на моќниците? Како што впрочем „познати“, „признати“ и наградувани станаа и десетици „новинари“ во оние МПМ памфлети? Ама нивните колеги ни да зуцнат за тие црни времиња на македонското новинарство, како што впрочем ни писателите збор не кажуваат за оние дванаесетина години што ги преспаа во собчињана на „Максим Горки“, кога примаа и гласаа и шуто и рогато, вбројувајќи ги во „познатите писатели“. Дури и денес, се’ уште, не слушнавме глас од таа „фела“ за „епохалните“ издавачко литературни потфати на нивните колеги чии успеси ги окупираат подримите на неколку културни институции. Ако грешам, молам да бидам демантиран. И ќе се извинам, се разбира. Но, некој би требал да ги прошета нашите „уважени“ писатели низ тие подруми, да видат на што личи повеќегодишната македонска издавачка продукција. Еве, јас се нудам да им бидам водич! Но, не разбирам ни зошто Владата не го искористи тој наш епохален потфат па да ги отвори тие подруми и за високите гости од странство и за бројните туристички групи што го крстосуваат Скопје. Мислам дека ќе уживаат! И никако не треба да го заобиколат Музејот на Македонија, каде ќе ги видат „сувенирите“ од шизоидното „Скопје 2014“, исто така спакувани во стотици кутии и распослани низ музејските изложбени сали. Стојат спакувани зашто и ним им е срам да се појават во јавноста – таков кич не е виден во светот. А чинеше стотици илјади евра!
Тоа се спомениците на нашиот молк, на нашата некултура, кој се’ уште трае. Исто како и затворените МПМ изданија, кои што, впрочем, и требаа да бидат затворени зашто такви какви што беа претставуваа ругло на македонското новинарство. Исто како и многу „национални“ културни институции низ Скопјево за кои што навистина не знаете зошто и за кого постојат, кој и што таму (не) работи. Ама, ете, и за тоа – молчиме. А и таму се изградија „империи“, се разбира на стаклени нозе!