Интересен е овој период што следи. Народот, општеството, државата, повторно сериозно навлегуваат во период на политичка апатија. Овој пат, наместо живот, повторно апатија. Наместо стабилизација и „метла“ во Владата, добиваме нов бран на бомби. Секоја чест за лудоста и суицидната храброст на Зоран Заев. Кутриот тој, мора сѐ да направи, за да дефокусира од неговиот личен неуспех на сите полиња во државава.
Заев на два фронта
Заев за краток период отвори сериозни фронтови. Наместо да се фокусира на суштинските реформи и коренити промени на неговиот нефункционален систем, тој тргна во отворена војна на два фронта. Сигурно на не така долг рок и на двата фронта ќе ги изгуби.
Едниот фронт го отвори и го официјализираше во борбата за превласт внатре во СДСМ, каде што тргна да го менува целото раководство на партијата, како основен и единствен виновник за слабиот резултат, иако неговата влада, проектите и државата „блескаат“. Така си остави простор додека избере нови партиски пиуни во СДСМ, да биде еден и единствен носител на одлуките внатре во СДСМ. За тоа време си го постави неговиот долгогодишен миленик Љупчо Николовски да му ги извршува.
Другиот фронт го отвори пред неполна недела, како главен виновник за „бомбите“ во оптек од преку барата, прислушувани разговори кои ги имаше дадено на отворен дилер-пазар, пред неколку години, кој колку сака да ги купува. Медиумите пишуваа за тоа. Нели немаше повеќе бомби? Нели сите беа предадени во СЈО? Не, нѐ излажа сите. Е, за вториов фронт, сега малку подетално да анализираме.
Пафтање со „метлата“
Додека тонеме, или, како што Заев милува да каже, блескаме, додека нема датум за преговори, Зоки тргна во отворена војна преку барата со ДУИ и со Али Ахмети. Консензуалноста премина во војна по принципот кој ќе преживее ќе раскажува, или можеби, кој ќе преживее ќе лежи затвор. Оттука произлегуваат неколку причини зошто дојде до објавата на „бомби“ за ДУИ и за Али Ахмети.
Најпрвин Заев, откако се залета со 300 км на час дека ќе прави „метла“ во владата во која е кираџија на ДУИ, удри во бетонски ѕид на неговите газди во владата. Виде дека не може тој да одлучува кој ќе замине од политичката сцена во ДУИ, туку дека тие одлучуваат кој ќе замине. Затоа, да замачка очи пред јавноста, се фокусираше на божемната чистка во СДСМ.
Додека Заев пафташе со „метлата“ внатре во штабот на СДСМ, почнаа да го поклопуваат неговите наталожени проблеми, за кои е виновен единствено тој. Павле Богоевски фатен во наркотичен скандал. Датум за преговори – нема. За жал, сите граѓани и целата држава ќе трпиме. Економијата крахира – капитални инвестиции за 4 месеци само 9,83 отсто. Советници од типот на математичарот Алекс Ружин, кој јавно на фејсбук го дешифрираше „Кодот на христијанството“ и утврди дека покојниот Тоше Проески е Бог. Уште многу други проблеми…
И оттука дилемата – дали Зоки Заев тргна со бомби да го вразуми својот коалиционен партнер ДУИ?
Како стигнаа бомбите во Чикаго?
Планот за вразумување, кој можеби е вака би му бил одличен, доколку ги исполнеше сите предизборни ветувања, доколку во државава цветаше целата економија, доколку имаше 500 евра плата, доколку секој град го поврзеше со автопат, доколку влезеа Гугл и Фејсбук како странски инвеститори итн. Но, можниот план на Заев сега е кобен за неговата влада и ја тресе. Овој скандал со бомбите од преку океанот допрва ќе се развива во текот на целото лето.
Како стигнаа бомбите во Чикаго? Оливер Спасовски можеби некогаш ќе одговори. Моите информации говорат дека човекот преку кој се објавуваат бомбите, кој не го крие својот идентитет и кој отворено им порача на сите, како и Заев пред неколку години, дека доколку му се случи нешто, друг ќе ги објави сите бомби, поседува над 5.000 сериозни разговори помеѓу раководството на ДУИ. Очигледно е дека ќе нема крај и ќе нема спас за нив. Намерата му била да ги објави сите, секој ден по неколку во текот на целото лето.
Па така „бомбите“ за ДУИ стигнаа преку барата во Чикаго, под превезот на поддржувачите на инволвираните во случајот за „Диво насеље“. Нормално, и во овој сет на бомби, нема ниту една за Заев и за СДСМ. Ни приближно. Бомбите пукаат секојдневно, јавноста повторно е силувана од Заев, сѐ со една и единствена цел, да се тргне фокусот од неуспехот на оваа влада на СДСМ, каде што не ги исполнија ветувањата кон граѓаните и за реформските закони кон ЕУ, а воедно и постепено кршење на ДУИ во албанскиот гласачки електорат, за да може СДСМ да профитира.
ДУИ ќе возврати на ударот
Народски кажано, планот е со еден удар – две муви. Дали ќе успее планот, ќе видиме. Дали ќе се тргне фокусот од крахот на државата и неуспехот на оваа влада? Нема. ДУИ, наместо вината да ја бара во Ел Чека од Туин, треба да ја бара во Заев. А богами и граѓаните не се неинтелегентни едноклеточни суштества како што Заев ги замислува и не му веруваат. Не смее да си игра со интелегенцијата и со разумот на граѓаните.
Која ќе биде реакцијата на ДУИ и на Али Ахмети, за кого верувам дека е сериозно загрижен за периодот што следи и за развојот на ситуацијата кој е неминовен, ќе видиме наредниве денови. Како ДУИ ќе го врати ударот на империјата во распад од Муртино – и тоа ќе видиме. Ќе биде многу интересен периодот кој следи.
Во мојата втора колумна под наслов „Револуцијата ги јаде своите деца“, потенцирав дека последен ќе го изеде Зоран Заев, а попатно многу други што ќе ѝ се најдат на патот. Едно е јасно и очигледно, револуцијата почна да го јаде и Заев, којшто почна самиот да си го креира неговиот крај и даде зелено светло за старт револуцијата да го изеде и него. Ова веќе ме потсетува на Хитлер, кој кога бил најслаб во обид да ги зацврсти позициите, кога сите се свртеле против него, отварил нови фронтови. Крајот е јасен и крајот на Заев ќе биде истиот како и на Хитлер, ќе изгуби на сите фронтови и ќе биде лошо запишан во историјата.
А моја претпоставка, како ДУИ ќе го зададе финалниот удар? Очекувам дека ситуацијата ќе стане неподнослива помеѓу двата коалициски партнера и скоро сум сигурен дека ДУИ ќе чека прилика да излезе од владата кога ќе ја почувствува слабоста на Заев и на СДСМ. Исто како и неколку блиски соработници на Хитлер пред неговиот пад. Потоа, само пепел ќе остане од таа влада.