Покрај Оливер Спасовски, на огласот на СДСМ за претседателски кандидат очекувано се предлагаат сите имиња кои се споменуваат како фаворити, меѓу кои и Стево Пендаровски и Никола Димитров.
Името на министерот за внатрешни работи до Бихаќка, како што веќе е познато, е единствениот предлог од општинската организација на партијата во Куманово, но тој заедно со Пендаровски и Димитров се предлагаат и од други општински крила на СДСМ. Општинските во нивните номинации може да испратат до 5 имиња, а овие три се меѓу најчестите кои се наоѓаат на нивните листи.
Покрај нив, во јавноста веќе се објавија имиња на четворица други претенденти кои конкурирале на огласот. Меѓу нив, поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов, еден од основачите на Агенцијата за разузнавање, Тони Перовски, архитектот Божидар Ночев кој пред пет години конкурираше и во ВМРО-ДПМНЕ и поетот Игор Поп Трајков.
Сите самопријавени и пријавени на огласот може да се објават уште во петок.
СДСМ за во недела на 3 март, закажа партиски конгрес, но кандидатот со кој ќе трча власта на претседателски може да биде познат уште деновиве ако Зоран Заев успее да договори заеднички консензуален кандидат со ДУИ и останатите партии со кои се среќаваше изминатиот период. На конгресот, тој само би бил потврден.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, најави дека денеска ќе има средба со Заев, тајмингот сѐ уште не е познат, но очекувано ќе биде по завршувањето на собраниската седница за пратенички прашања. Од двете партии се очекува фокусот да биде токму името на кандидатот.