Името е „итно прашање“, но ништо не правиме и без реформите

Во извештајот ЕК прачува дека проблемот со името треба да се реши како итно прашање, но и оти се потребни: уште повеќе напори за обновување на независноста на судството; подобар капацитетот на ресорното министерство за реформите во јавната администрација; ограничување на праксата со скратени постапки во Собранието; реформа во јавниот сервис итн.

926

По две условни, Европската комисија (ЕК) даде чиста препорака за Македонија да ги отвори преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ). Откако вчера попладне добрите вести од Брисел ги соопштија еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини, тие денеска допатуваа во Скопје лично да го презентираат извештајот на државниот и политички врв на земјава. Хан ни порача дека сега треба да се фокусираме на реформите и оти можеме да бидеме модел за регионот, а Могерини дека се вративме назад на добрата патека.

Како Македонија се врати назад и зошто доби чиста препорака, ЕК детално објасни во извештајот испишан на 96 страници. Во него покрај освртот на она што е постигнато досега, се нагласуваат и дека Македонија треба да продолжи со реформите на сите полиња, а на некои и малку повеќе да ги засука ракавите.

ЕК ги поздрави добрососедските односи, но посочи дека проблемот со името треба да се реши како итно прашање. Во редовите подолу, пренесуваме што нотираше Брисел за напредокот на Македонија на политички и економски план, за јавната администрација и судството, за борбата со корупцијата и организираниот криминал, медиумите, човековите права…

Во делот за политичките критериуми, се нагласува дека земјата конечно ја надмина својата најсериозна политичка криза по онаа во 2001 година. Тешкиот процес на формирање на владата кој кулминираше со нападите на 27 април лани во Парламентот, се нагласува, беа најостро осудени од меѓународната заедница. По ова, од мај лани новата влада која е ориентирана кон реформи презеде чекори за решавање на заземањето на државата со постепено враќање на контролата и рамнотежата, јакнење на демократијата и владеењето на правото.

„Земјата се соочува со фундаментални промени во повеќе инклузивна и отворена политичка атмосфера. Локалните избори во октомври 2017 година ја потврдија поддршката на граѓаните за политиките на владината коалиција ориентирани кон ЕУ. Собранието продолжува да функционира со опозициските партии кои претседаваат со клучните комисии“, пишува во извештајот.

Сепак, се нагласува и како треба да се продолжи. Парламентот треба да ги зголеми надзорните и законодавните функции, а се нагласува и оти треба да се ограничи широката пракса на носењето закони по скратени постапки. На транспарентен и инклузивен начин треба да се следи и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Преку извештајот ЕК порачува и дека граѓанското општество треба да продолжи да игра конструктивна улога во поддржувањето на демократските процеси, да врши надзор и одржува рамнотежа.

Напедок е направен и во областа на јавната администрација, но тука се потенцира дека земјата е умерено подготвена за реформи во администрацијата. ЕК ги нотира усвојувањето на Стратегијата за реформи во овој сектор и напорите кои се направени за поголема транспарентност и одговорност, но кажува и каде треба да се подобриме.

„Треба да се подобри капацитетот на Министерството за информатичко општество и администрација за водење и координирање на реформите во јавната администрација. Силната политичка заложба за гарантирање на професионалноста на јавната администрација, особено за високи менаџерски назначувања и почитувањето на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност во согласност со духот и словото на законот, остануваат суштински“, пишува во извештајот.

Сериозни напори Македонија ќе мора да вложува и понатаму ако сака да обезбеди судството да функционира независно. Во последните месеци, пишува во извештајот, се преземени решителни чекори за обновување на независноста,усвоена е Стратегијата за реформи во правосудството која ја поставува основата за понатамошните чекори, клучните закони се изменети во согласност со препораките на Венецијанската комисија и Прибе, СЈО се соочува со помалку опструкции… и со сето тоа е достигнато одредено ниво на подготвенот, но ќе бидат потребни постојани напори.

Според наведеното во извештајот, Македонија ќе мора да се „испоти“ повеќе и во борбата со корупцијата.

„Земјата постигна одредено ниво на подготовка. Постои законска и институционална рамка, како и евиденција за превенција и гонење, иако конечните судски одлуки за случаи на корупција на високо ниво и понатаму се ограничени. Корупцијата останува распространета во многу области и продолжува да претставува сериозен проблем. Капацитетот на институциите за ефикасно справување со корупцијата покажа структурни и оперативни недостатоци. Политичкото мешање останува ризик“, се наведува во извештајот.

И справувањето со организираниот криминал е поле каде ЕК порачува дека треба да се работи уште повеќе, особено против одредени форми на оргнизиран криминал како то се финансискиот и перењето пари. Треба да се подобрат евиденциите за истрагите, обвиненијата и пресудите во борбата против организираниот криминал. На хартијата голем дел од борбата, според извештајот, се чини сме ја извојувале бидејќи законодавната рамка, како што пишува, во голема мерка е во согласност со европските стандарди ама напорите за спроведување во пракса мора да продолжат.

ЕК во извештајот посочува дека реформите ја подобриле усогласеноста со европските стандарди и правната рамка за заштита на човековите права, но промените треба да продолжат. Позитивно се оценува ратификацијата на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените, иницираните реформи за надворешен надзор на органите за спроведување на законите и измените во насока на недискриминацијата.

„Треба да се разгледа ситуацијата во затворите и психијатриските институции, мора да се следат случаи на криминал од омраза и говор на омраза, и тела кои се вклучени во заштитата и унапредувањето на човековите права мора да се зајакнат. Потребни се повеќе напори и за интеграцијата на Ромите“, пишува во извештајот.

Во слободата на изразување, се нагласува, постигнат е добар напредок, медиумите работат во подобрена клима и притисокот врз новинарите е намален. Но, во оваа насока се нагласува и потребата за реформа во јавниот радиодифузен сервис – МРТВ.

Позитивна е оценката и кога се во прашање економските критериуми, Македонија достигнала добар степен на подготовка во развојот на функционална пазарна економија, но клучните економски слабости остануваат.

„И покрај политичкиот ќор-сокак во првата половина од годината, забележани се подобрувања, особено во управувањето со јавните финансии и транспарентноста. Клучните слабости на економијата остануваат. Тие вклучуваат недостатоци во деловното опкружување, како што се слабото спроведување на договорите и големата неформална економија. Структурните проблеми на пазарот на трудот се рефлектираат во ниската активност и високите стапки на невработеност…“ се дел од забелешките во извештајот.

Сепак, се нагласува дека понатаму економијата напредувала и е на ниво на умерена подготвеност да се справи со конкурентските притисоци и пазарните сили во ЕУ.

„Понатамошен напредок беше направен во насока на диверзификација на извозот и производство со повисока додадена вредност во производствениот сектор. Трговските и инвестициските односи со ЕУ продолжија да се интензивираат. Економијата сѐ уште страда од слабости во наставните планови, ниските стапки на иновации и значајните недостатоци во инвестициите, вклучувајќи ја особено јавната инфраструктура“ контатира Европската комисија.

Во извештајот се споменува и управувањето со мигрантската и бегалската криза за што се вели дека земјава направила напори за подобрување на правната рамка односно продолжила соработката со соседните земји, во тек е работата на измените на Законт за странци, продолжило спроведувањето на Резолуцијата за миграциона политика, како и напорите за подобрување на системот за азил.

„Сè уште е потребна систематска регистрација на мигранти и профилирање на чувствителни информации за заштита на потребите на тие индивидуи. Во овој контекст, ПЈРМ треба да воспостави механизам за враќање на нелегалните мигранти, што е во согласност со законодавството на ЕУ, како и постепено да ја усогласи својата визна политика со ЕУ“ се констатира во извештајот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...