Именувањето амбасадори пред избори ги заострува меѓупартиските односи

296

Советот на амбасадори достави забелешки за Нацрт законот за надворешни работи предложен минатата недела од Министерството за надворешни работи.

Советот смета дека предуслов за новиот закон е професионалната работа на дипломатите во самото МНР и професионална и рационална дипломатска мрежа.

Генералната забелешка на Советот е дека со Нацрт законот за надворешни работи уште повеќе се зголемува соодносот на раководни лица во МНР на штета на извршителите, (како што е случај со именувањето на генерални директори, формирање нови служби и сл.) со што, како што велат, МНР станува неефикасна институција каде помал број дипломати читаат, подготвуваат, пишуваат, истражуваат и работат на сложени задачи а поголемиот број дипломати со повисок ранг одобруваат, парафираат, а во меѓувреме помалку потребно или непотребно се на разни патувања и посети на разни земји.

Советот смета дека новиот Закон за надворешни работи треба да задржи голем дел на решенијата кои се дел на законот за надворешни работи кој е на сила затоа што како такви се над решенијата на предложениот текст. Како пример го даваат досегашното законско решение од членот 64-б,в и г на Законот за надворешни работи за редовното унапредување во дипломатските звања за кое сметаат дека е попрецизено и поприменливо во пракса одколку новопредложеното решение.

Амбасадорите сметаат дека услов за креирање на вистинска професионална дипломатија е идните кариерни амбасадори и генерални конзули да се бираат преку интерен оглас објавен во МНР со создавање на ранг листа на кандидати кои аплицирале и ги исполнуваат условите а не преку составување листа на кадри аминувани од политичкте партии и предложени од директорите и шефовите на разни кабинети од разни министерства.

Непримерно е, вели Советот, дел од предложените амбасадори шест месеци во текот на оваа година да служеле како вршители на должноста во земјите каде сега би требало да бидат именувани во ранг на амбасадори.

Советот на амбасадори смета дека, како и во многу други земји, треба да постои категорија на именување амбасадори по политички основ, поради тоа што МНР нема доволен број кариерни дипломати со високи дипломатски звања поради долгогодишнатата селектирана примена на законското решение од член 64-б, в, г од сегашниот Закон за надворешни работи. Советот смета дека таа бројка не треба да се пополни со партиски, туку со истакнати познавачи и афирмирани лица во сферата на меѓународните односи, поранешни успешни амбасадори, министри, интелектуалци и уметници кои се познати во регионот, во ЕУ и пошироко.

Именувањето на амбасадори (освен за НАТО) во услови кога веќе партиите водат предизборна кампања за идните парламентарни избори не води кон никаква полза за државата и за самите партии предлагачи, туку ги заострува меѓупартиските односи, нагласуваат од Советот на амбасадори.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...