Лил Микела, 19-годишна бразилско-американска влијателна личност (инфлуенсер) на Инстаграм, модел и поп-ѕвезда, чиј профил на Инстаграм е преполон со фотографии од неа, на кои позира со облека од познати светски брендови. Вистината е дека – таа воопшто не постои.
На профилот на Микела може да се видат и селфи фотографии на кои таа е прикажана како се дружи со други познати модели и музичари. На социјалната мрежа ја следат дури 900.000 корисници.
За што станува збор? Лил Микела е, всушност, компјутерски генериран киборг и никој не знае кој ја создал.
Некои од корисниците на Инстаграм увиделе дека таа, всушност, не е вистинска личност, дел од нив сè уште се збунети, некои воопшто не се свесни за тоа, а на некои и не им е грижа и продолжуваат да коментираат за тоа колку Лил е убава и дека многу им се допаѓа нејзината коса или дека има добра гардероба.
Платформата на Микела се користи и за добри цели, бидејќи поддржува кампања против расизам, а се залага и за правата на транссексуалните личности. Таа дури тврди дека испратила низа писма до Конгресот во знак на поддршка за транссексуалната заедница.
(Не)реалност
Одеднаш, линијата меѓу фикцијата и реалноста станува многу нејасна. Лил Микела, како и сите други корисници на Инстаграм, изгледа неверојатно кул и секогаш е уредна и привлечна, благодарение на големиот број филтри. Личноста што стои зад профилот на Микела е ирелевантна – на публиката ѝ е важно она што го гледа на социјалната мрежа.
Иако луѓето знаат дека голем дел од работите што ги гледаат онлајн се нереални, сепак не можат да си помогнат и се навлечени на содржините, посебно правејќи споредба на сопствените („мизерни“) животи со разубавената реалност на другите корисници.
Лил не е единствена
Во однос на оваа појава на нереални ликови на интернет, кои реално привлекуваат големо внимание, „Хафингтон пост“ бележи:
– На Инстаграм има друг вид индивидуи што ја запоседнуваат платформата деновиве. Тие се исто толку убави, имаат илјадници следачи и ја заматуваат линијата меѓу реалноста и виртуелниот свет. Најморничавиот дел? Тие не се луѓе.
Таков е случајот и со црнката Шуду, претставена како супермодел на кој може да ѝ позавиди и Тајра Бенкс. Таа е „скроена“ со помош на дигитална 3Д-технологија, од страна на лондонскиот фотограф Камерон Џејмс Вилсон.
Шуду има повеќе од 95.000 следачи на Инстаграм, што значи дека луѓето се фасцинирани од неа, односно дека се фасцинирани од идејата за неа и за другите влијателни личности на социјалните мрежи што собираат популарност на интернет.