Има уште многу работа кај политиките за мали и средни претпријатија

Во ниту една од десетте области не сме најдобри. Во две области сме втори, кај олеснувањето на пристапот до финансиски средства и кај овозможувањето малите и средни претпријатија да ги претворат промените кај животната средина во можности. Во четири области сме во средината на групата.

396

Ова е заклучокот што се наметнува кога ќе се погледнат резултатите од рангирањето што го прават ОЕЦД, ЕБРД и Европската фондација за обука преку Индексот за политиките за мали и средни претпријатија. Неодамна е објавена студијата за најновото рангирање, коешто го покрива периодот од изминатите 3 години.

Рангирањето покажува дека политиките на земјава за мали и средни претпријатија во најголем дел заостануваат зад тие на другите земји од Западен Балкан (Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија, Косово). Во ниту една од десетте области не сме најдобри. Во две области сме втори, кај олеснувањето на пристапот до финансиски средства и кај овозможувањето малите и средни претпријатија да ги претворат промените кај животната средина во можности. Во четири области сме во средината на групата.

Во други четири области навистина не сме добри и тие заслужуваат посебно внимание. На пример, претпоследни сме во политиките што треба да им помогнат на малите и средни претпријатија да ги искористат можностите што ги нуди единствениот европски пазар. Тоа значи недоволна хармонизација со „акито“ на ЕУ, слабости кај стандардизацијата и сл. Конечно, најслаби сме од сите земји на Западниот Балкан во три области. Првата е создавање на амбиент во кој претприемачите и сопствениците на семејни бизнис ќе просперираат. Тука спаѓаат политиките поврзани со претприемничкото учење и особено со дизајнирањето на политиките, имплементацијата и мониторингот на женското претприемништво. Втората област кадешто сме на дното на регионот е можноста за брза втора шанса за претприемачи што се соочиле со банкрот. Тука земјава е подобра од сите други кај превентивните мерки, но не е добра кај преживувањето и процедурите за банкрот. Третата област што посочува слабост на политиките за мали и средни претпријатија е надградбата на претприемачките вештини.

Се разбира, извештајот нотира и подобрувања. На пример, малите и средни претпријатија од земјава имаат помали трошоци за извезување затоа што Институтот за акредитација има потпишано билатерални и мултилатерални спогодби со кои се отстранува потребата од дополнително тестирање на стоките што се извезуваат. Или, зголемен е капацитетот на Фондот за иновации и технолошки развој за поддршка на претпријатијата. Понатаму, процесот на јавни набавки е рационализиран со тоа што е укинат Советот за јавни набавки, итн.

Приоритетни области кон кои, според Извештајот, треба да се насочат идните активности, меѓу другите, се:

  •  подготовка на сеопфатна анализа на недостигот на одредени вештини кај претприемачитеи потребите за обука;
  • воспоставување на координативно тело за ефективна примена на Стратегијата за мали и средни претпријатија, при што се сугерира водечка улога да се даде на Агенцијата за промоција на претприемништвото;
  • воспоставување на Национална Асоцијација на мали и средни претпријатија;
  • завршување на „Зелена“ стратегија за развој на мали и средни претпријатија како насока за прифаќање на практики што се во склад со грижата за животната средина;
  • зголемување на поддршката од јавниот сектор за зацврстување на соработката помеѓу малите и средни претпријатија и мултинационалните компании што работат во земјава;
  • поддршка од јавниот сектор за малите и средни претпријатија за нивна поголема вклученост во е-трговијата во услови кога продажбата на домашните претпријатија преку е-трговијата има најниско учество во регионот.

Зошто е сето ова важно? Малите и средни претпријатија се многу важен дел на македонската економија. Дизајнирањето на добри политики за нивна полесна, поефикасна и поуспешна работа е нешто што може да донесе голема корист. Во тој контекст, ваквите извештаи подготвени од релевантни мултилатерални институции треба да се читаат и анализираат многу внимателно. Тие ни кажуваат каде се слабостите на земјава и каде се наоѓаме во споредба со другите во регионот, што е многу важно за конкурентноста на македонската економија. Добра можност да се извлечат поуки.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...